Уште една работничка ја тужи Кајли Џенер за дискриминација и злоставување: „Ја молев за помош“
По Анџелика Васкез, која неодамна поднесе тужба против Кајли Џенер тврдејќи дека била изложена на дискриминација врз основа на вера и национално потекло додека работела како домашна помошничка, сега и Хуана Делгадо Сото покрена слична тужба против реалити ѕвездата, пренесува „Индепендент“.
Препорачано
Сото тврди дека за време на нејзината работа кај Џенер била изложена на малтретирање од страна на персоналот и дека во повеќе наврати барала помош од самата Џенер, но, како што наведува, не добила никаков одговор. Според судските документи, таа вели дека „немало ни трага ни глас“ од неа во моментите кога најмногу ѝ била потребна поддршка.
Во тужбата поднесена до Вишиот суд во Лос Анџелес од Хуана Делгадо Сото, како обвинети се наведуваат Џенер, супервизорот на персоналот Ицел Сибријан, „Три Стар Сервисиз“ и „Ла Мезон Фемили Сервисиз“.
Во тужбата се наведува и дека Сото почнала да работи за Кајли Џенер во мај 2019 година. Таа тврди дека во првата година не добивала законски паузи за оброк и одмор, а ситуацијата значително се влошила во 2023 година, кога нејзина директна претпоставена станала Ајцел Сибријан.
Според наводите, Сото била изложена на навреди и понижување, вклучувајќи исмејување на нејзиниот англиски јазик, ја нарекувале „глупава“ и постојано психичко ја малтретирале. Таа исто така тврди дека надзорничките на домашната служба, Патси и Елси, ја одбиле нејзината молба за отсуство по смртта на нејзиниот брат.
Во април 2025 година, Сото наводно оставила писмо на масата за масажа на Кајли Џенер, во кое детално ги опишала наводните злоупотреби, дискриминација и психичко малтретирање. Во писмото, меѓу другото, стоело: „Морам да изразам колку сум психички малтретирана… навистина се извинувам што ве известувам за ова“.
Сепак, според тужбата, наместо реакција, следниот ден ѝ било кажано дека може да добие отказ и дека не смее повеќе да се обидува да стапи во контакт со Кајли Џенер.
„Обвинетите ѝ рекле дека повеќе не ѝ е дозволено да ја гледа Кајли, да ѝ се насмевнува и дека ако ја види Кајли, ќе мора да „исчезне““, се вели во поднесокот.
Сото тврди дека во август 2025 година го напуштила работното место преку порака до своите надредени, поради континуирано малтретирање, анксиозност и неможност да функционира нормално.
Во тужбата против Кајли Џенер, нејзината компанија „Кајли Џенер Инк.“, како и другите вклучени компании и лица, Сото бара неутврдена материјална и казнена отштета. Таа навела повеќе од 20 точки на обвинение, меѓу кои расна дискриминација, психичко злоставување и намерно нанесување душевна болка.
Оваа тужба доаѓа само неколку дена по сличен случај поднесен од друга поранешна домашна помошничка, која исто така тврди дека била изложена на непријателско и понижувачко однесување од страна на персоналот во домот на Џенер во Лос Анџелес.


