Уште еден фудбалер на Беса доби доживотна суспензија за скандалот во Слупчане
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе нова одлука во врска со инцидентот што се случи на натпреварот меѓу Беса Слупчане и Аеродром 2018. Откако до федерацијата стигнал дополнителен видео материјал, уште еден фудбалер на Беса, Бехар Демири, добил доживотна суспензија и повеќе нема да може да настапува во рамки на македонскиот фудбал.
Препорачано
Со ова, бројот на доживотно суспендирани играчи од Беса се искачува на тројца. Да потсетиме, поради истиот инцидент, ФФМ претходно ги суспендираше двајцата негови соиграчи, а на стадионот во Слупчане му беше изречена десетмесечна забрана за организирање натпревари.
Од Федерацијата порачаа дека дисциплинската постапка е сè уште во тек и ги повикаа сите кои располагаат со дополнителни докази, видео или друг материјал да ги достават за потребите на истрагата.
„Дисциплинската комисија во рамки на ФФМ, информира дека по обезбедувањето на нов доказен видео материјал во дисциплинската постапка против ФК Беса Слупчане, а поради направениот инцидент на одиграниот натпревар ФК Беса – ФК Аеродром 2018, натпревар од 8. коло од Трета лига – Север, утврдено е дека во инцидентот учествувал и домашниот фудбалер, Бехар Демири.
Против наведениот играч ќе биде изречена дисциплинска санкција – исклучување од фудбалската организација (доживотна суспензија).
Дисциплинскиот комесар на Трета лига – север ги повикува сите лица кои располагаат со видео или друг релевантен доказен материјал поврзан со инцидентот, истиот да го достават за потребите на дисциплинската постапка.
Фудбалската федерација на Македонија повторно најостро го осудува секој облик на насилство на спортските терени и ќе продолжи со бескомпромисна примена на дисциплинските прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот“, стои во соопштението од ФФМ.
Преземено од: Спорт.ком.мк


