Универзитетите меѓу хартијата и растот
Високото образование во Македонија премногу често било заложник на партиски циклуси, кадровски влијанија и краткорочни реформи што се поништуваат со следната влада. Затоа најважниот тест за новиот закон не е неговиот текст, туку неговата издржливост.
Законот за високо образование кај нас отвори голема дебата но интересното е тоа дека гледиштето кон законот ни е како да е тоа изолиран систем на наставни планови, избори во звања, акредитации, студентски права и универзитетска автономија. Сето тоа е важно, но ако дебатата заврши тука, повторно ќе ја направиме истата грешка, ќе донесеме закон што ќе ги „среди“ процедурите, но нема да ја промени економската траекторија на државата. Вистината е многу подлабока во високото образование. Тоа е фабриката на човечки капитал, иновации и продуктивност. Ако новиот закон не го гледаме низ оваа призма, ќе добиеме уреден сектор со формално подобри правила, но ќе продолжиме да имаме сиромашна економија и високо образовани млади луѓе што заминуваат во странство.
Препорачано
Првото прашање што мора да го поставиме е тоа колку инвестираме и дали тоа е доволно? Европската Унија троши околу 4,7–5% од БДП за образование. Кај нас, јавните расходи за образование во изминатите години се движат околу 3,9% до 4,8% од БДП, зависно од годината и методологијата. Дури и ако ја прифатиме повисоката бројка, останува прашањето дали структурата на трошењето создава развој или само одржува систем. Проблемот не е само процентот, туку распределбата. Дали средствата одат во лаборатории, дигитална инфраструктура, истражување и развој, индустриски проекти и поддршка на млад кадар? Или најголемиот дел завршува во тековни трошоци што не создаваат нова економска вредност? Ако новиот закон не се поврзе со јасна фискална логика со развојни ставки, резултатско финансирање и транспарентност тогаш процентите ќе останат декоративна статистика без реален ефект врз БДП.
Уште поалармантна е состојбата со истражувањето и развојот. Северна Македонија инвестира околу 0,4% од БДП во R&D (истражување и развој), додека ЕУ просекот надминува 2,2%. Тоа не е мала разлика, туку структурна празнина. Со 0,4% не се гради економија на знаење, туку економија на зависност од туѓи технологии, туѓи иновации и туѓи пазари. Во таков контекст, реформата на високото образование мора да се чита како одговор на клучното прашање: дали конечно ќе изградиме економија базирана на знаење или ќе продолжиме со модел на евтина работна сила и иселување?
Предлог-законот најавува построги критериуми за избор во звања, реизбор на професори на седум години, затворање неактивни студиски програми, ограничувања за вонредно студирање во регулирани професии, како и нов модел на финансирање со развојна компонента и компонента за успешност. На прв поглед, ова изгледа како сериозен чекор кон квалитет. Но мора да бидеме искрени со строгите правила – тие сами по себе не создаваат продуктивност. Тие можат да создадат дисциплина, но можат и да создадат формализам. Ако критериумите се сведат главно на број на трудови и импакт-фактор, без паралелно градење на истражувачка инфраструктура, фондови, индустриски партнерства и механизми за трансфер на технологии, ќе добиеме трка за публикации, а не трка за иновации. „Publish or perish“ без „innovate and scale“.
Најголемиот ризик е што притисокот ќе падне врз индивидуалниот професор, додека системот ќе остане без ресурси. Тоа е типичната формула: строги барања + слаба поддршка = демотивација и селективна правда. Продуктивност не се создава со административен притисок, туку со функционален екосистем. Денешната економија се трансформира преку стартапи, спиноф компании, патенти, лиценци и трансфер на технологија. Ако законот не воспостави јасна рамка за универзитетски спиноф компании, учество на професори во стартапи со јасно регулиран судир на интереси, управување со интелектуална сопственост и формирање универзитетски фондови за proof-of-concept, тогаш зборот „иновативност“ ќе остане декларација, а не економска стратегија.
Дополнително, мора да се отвори и политичката димензија. Високото образование во Македонија премногу често било заложник на партиски циклуси, кадровски влијанија и краткорочни реформи што се поништуваат со следната влада. Затоа најважниот тест за новиот закон не е неговиот текст, туку неговата издржливост. Дали ќе преживее политички промени? Дали ќе има стабилна буџетска рамка? Дали ќе постојат независни механизми за евалуација и транспарентни индикатори за перформанси? Ако сакаме законот да има вистински економски ефект, тој мора да вгради јасни столбови: постепено зголемување на инвестициите во R&D кон најмалку 1% од БДП; резултатско финансирање базирано не само на трудови, туку и на индустриски проекти, патенти, стартапи и привлечени европски фондови; функционални технолошки трансфер канцеларии; системска интеграција на студентите во реални иновациски процеси; и транспарентност што ќе ја намали политичката манипулација.
Да бидеме јасни, подобрите критериуми и реизборот можат да ја намалат летаргијата. Но ако државата не инвестира сериозно во наука и инфраструктура, тоа ќе биде дисциплина без кислород, а најдобрите ќе продолжат да си заминуваат. Образованието не е трошок што треба да се минимизира, туку инвестиција што треба да се оптимизира. Прашањето не е дали можеме да си дозволиме повеќе инвестиции во знаење. Прашањето е дали можеме да си дозволиме уште една изгубена генерација. Новиот закон може да биде пресвртница. Но само ако стане инструмент за економски раст, а не само уредна регулатива што убаво звучи додека трае прес-конференцијата. Сè друго е стил. Суштината е развој.
(Авторот е економски аналитичар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


