Плакат за изложбата „Ехо во мразот“ во Софија

Уметникот Исмет Рамиќевиќ со изложбата „Ехо во мразот“ ќе се претстави во Македонскиот културен центар во Софија

Во Македонскиот културен центар во Софија, Бугарија, на 29 април (среда), во 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Ехо во мразот“ од еминентниот македонски ликовен уметник Исмет Рамиќевиќ.

Концептот на изложбата „Ехо во мразот“ ја артикулира и рефлектира современата глобална воено-политичка реалност. Во ова актуелно време кога се одвиваат сè поголеми отворени и прикриени конфликти, оружјето повторно се легитимира како единствен инструмент за решавање на политичките несогласувања. Преку симболичката гестуалност, во проектот се „запира, замрзнува куршумот“ со што го артикулира својот јасен антимилитаристички став.

Авторот истовремено ги осветлува разновидните сложени парадокси на нашето време: брутални војни, човечки страдања и климатски екстреми кои се испреплетуваат со експанзијата на масовните и тенденциозни дезинформации.

Во своето творештво, Исмет Рамиќевиќ ја развива мултимедијалната, односно трансмедиумската ликовна практика која ги комбинира скулпторските сегменти со неговата визуелна поезија и музика, со спортот и интерактивните перформанси, создавајќи комплексен и динамичен уметнички израз.

На отворањето на изложбата, авторот ќе изведе музички перформанс. Тој ќе свири на праисторискиот дувачки инструмент – окарина-стрела, дополнувајќи ја изложбата со уникатен звучен слој.

Во изведбата на перформансот е поканета и публиката да се вклучи и да ја воспостави интеракцијата со овој културно-уметнички настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот