Угостителите бараат да издаваат и да тргуваат со криптовалути

Кафуле во Скопје / илустрација Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Угостителите барат регулатива според која законски ќе регистрираат македонска крипто менувачница, ќе издадат македонски крипто средства – коини односно крипто средства – токени за угостителската индустрија и законски ќе постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.

Независната угостителска комора испрати писмо до претседателот на Владата, Народната банка, Министерството за финансии, Министерството за економија, УЈП и Централниот регистар со кое се бара да се изготви регулатива која ќе овозможи издавање на глобално крипто-виртуелно средство наменето за користење на угостителски услуги и инвестиции во македонски и регионални угостители.

Оттаму тврдат дека според нивни неофицијални сознанија  има повеќе од 50.000 регистрирани сметки со криптосредства на македонски граѓани и на нив има стотици милиони евра во криптовалути. Ови пари, како и парите на странците кои би ги користеле услугите во угостителските објекти со крипто средства, или пак официјално би ги разменвала на апаратите поставени во хотелско-угостителскиот сектор, според Независната угостителска комора, ќе го раздвижи туризмот и угостителството во земјава.

„Изминатите месеци сведоци сме на експанзија од локална и глобална популаризација на работење, тргување и издавање на криптовалути. Согласно постојната македонска законска регулатива и информациите на Народна банка за криптовалути инвестирање, тргување и содавање на криптовалути во Македонија не е забрането туку истото не е законски регулирано. Моментално сите трансакции и инвестиции во крипто средства се одвиваат преку разни странски крипто менувачници или со размена на крипто средства помеѓу физички лица при што не се води евиденција односно се нема контрола на готовинските текови на пари“, пишува во дописот на Независната угостителска комора.

Затоа, како што велат угостителите, барат регулатива според која законски ќе регистрираат македонска крипто менувачница, ќе издадат македонски крипто средства – коини односно крипто средства – токени за угостителската индустрија и законски ќе постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.

„Воведувањето на законска можност за трговија и инвестиција во македонски криптовалути за угостителската индустрија во услови кога угостителите трпат енормни штети и загуби поради пандемијата со ковид-19 ќе допринесе инвестиции во свеж надворешен капитал со што ќе може директно да се помогне во нивната ревитализација и анимирање на туризмот и угостителството во привлекување на потенцијални странски гости-туристи кои ќе можат на лесен и брз начин да инвестираат и плаќаат со криптовалути кај македонските угостители со што ќе може да се зголемат и забрзаат приходите од туризмот.

Официјализирање на работење со крипто валути со официјална регистрација на македонска менувачница на криптовалути со која ќе се воведат и КРИПТО АТМ апарати во реномирани угостителски објекти (ресторани и хотели) ќе може да се врши законска и официјална размена на криптовалути низ цела Македонија за домашни и странски гости“, предлагаат од НУК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот