Уапсен е поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Манделсон, поради врските со Епстин
Поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Манделсон, е приведен од лондонската полиција под сомнение за злоупотреба на јавна функција, во случај поврзан со неговите контакти со осудениот сексуален престапник и педофил Џефри Епстин, објави ЛБЦ.
Препорачано
Седумдесет и двегодишниот Манделсон беше разрешен од една од највлијателните позиции во британската дипломатска служба во септември, откако во јавноста почнаа да излегуваат детали за обемот на неговото пријателство со Епстин. Скандалот предизвика притисок и врз премиерот Кир Стармер, кој призна дека бил запознаен со врските меѓу Манделсон и Епстин во моментот кога го именувал за амбасадор.
Полицијата претходно овој месец отвори кривична истрага против Манделсон, откако владата на Стармер ги објави комуникациите меѓу поранешниот амбасадор и Епстин.
Електронската преписка меѓу Манделсон и Епстин, објавена од Министерството за правда на САД кон крајот на јануари, покажала дека нивниот однос бил поблизок отколку што претходно се знаело во јавноста. Во неа се наведува дека Манделсон споделувал информации со финансиерот во периодот кога бил министер во владата на Гордон Браун во 2009 година. Манделсон неодамна поднесе оставка од функцијата во горниот дом на британскиот парламент.
Минатата недела беше приведен и помладиот брат на кралот Чарлс, Ендрју Маунтбатен-Виндзор, исто така под сомнение за злоупотреба на јавна функција. Тој се товари дека, додека ја извршувал должноста трговски претставник на Велика Британија, му испраќал доверливи владини документи на Епстин.


