Туристичкиот сектор во агонија, само зимските центри со надеж

epa07419286 Instructor and a man with disability have started the special ski-training for people with disabilities in Mavrovo ski center, North Macedonia, 06 March 2019. (issued 07 March) At the snowy mountain Bistra in the western part of North Macedonia volunteers and ski-trainers, this week organize training for people with disabilities to teach them how to ski. Although high March temperatures have started to melt the deep snow even at an altitude of around 1,800 meters, dozens of enthusiasts don't hesitate to give the opportunity to 12 people with disabilities, passionate for skiing to enjoy the white passion. Sit-skiing trainings includes special kind of ski equipment that allows the people with different kinds of disabilities to experience the winter sport by sitting on the skis. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Се чека снегот, барем малку, да му помогне на туризмот.

Сите очи на туристичките работници се вперени кон небото, дали и колку ќе заврне снег, за да колку-толку се привлечат туристи. Поголем снег и туристи очекуваат скијалиштата во Маврово, Попова Шапка, Пелистер, но и хотелите во Берово, во Крушево, како и во други места каде што природата, особено во зима, ги привлекува туристите. Хотелиерите се надеваат дека зимската идила, барем делумно, ќе го победи стравот од пандемијата.

Попова Шапка / МИА

Владата долго време ги држеше во неизвесност ски-центрите, за да конечно на 1 декември ја објави веста со која даде зелено светло за протоколот, според кој скијачките центри може да работат.

Според протоколите, пред билетарниците, жичниците и ски-лифтовите ќе има редарска служба за да се обезбеди задолжителното растојание од 1,5 до 2 метри меѓу туристите, а угостителските објекти на терените ќе работат само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.

Собите во ресортот „Маврово“ веќе се резервирани

Огњан Циговски, директорот на ресортот „Маврово“, во кој влегуваат спортскиот центар „Маврово“ и хотелите „Бистра“, „Спорт“ и „Лоџ“, очекува успешна зимска сезона. Причина за неговиот оптимизам е и опремата за вештачки снег, но и фактот дека собите во хотелите во најголем дел се резервирани.

Маврово / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Собите се резервирани и гостите се од Косово, а и припејд картите за скијање се платени, така што за нас сезоната добро почнува. Јас очекувам да има многу гости и на скијалиштата. Секако, не зборувам за рекордни бројки, но сепак зборувам за некакви бројки. Сите мерки за безбеден туризам во време на пандемија се почитуваат. Скијањето е на отворено и тука нема опасност, но засилени се редарските служби за држење растојание, секаде каде што е потребно. Граѓаните не ни мораат да чекаат ред за да купат ски-карта, затоа што тоа им се овозможува онлајн – вели Циговски.

За жал, другите зимски центри во Македонија не можат да се пофалат со „топови за вештачки снег“, а врз зимската сезона, освен влијанието на короната, можно е влијание и на временските околности. Секако, скопското загадување му помага на туризмот на Попова Шапка, каде што минатата година, пред да се прогласи пандемијата, иако без снег, имаше многу еднодневни излетници што бараа спас од загадувањето.

Езерскиот туризам во зимски сон

Што се однесува до есенскиот и зимскиот езерски туризам, таму состојбата е многу лоша. Го нема конгресниот туризам, а и најлудата ноќ во годината, годинава ќе биде тивка.

Маврово / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Дел од хотелите, особено оние што се подалеку од центарот и кои немаат ресторани, се затворија. Ако работат тие, само ќе прават трошоци. Од друга страна, веќе е јасно и дека за Нова година нема да има гости од регионот, а минатите години имавме многу гости од Бугарија, Србија и од Грција. Потоа, според протоколите треба половина сала да биде пополнета, а ние не можеме двојно да ги зголемиме цените, така што многумина се одлучуваат да не работат и да чекаат до пролет – вели Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија и директор на струшкиот хотел „Дрим“.

Охрид / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Освен за Нова година, Охрид во минатото привлекуваше и многубројни гости за големиот христијански празник Водици, но оваа година е извесно дека таква масовност ќе изостане.

Доаѓаат гости од Украина, а се најавуваат и од Хонг Конг

Ковид-кризата удри и по туристичките агенции и по туристичките водичи. Ноемвриската и декемвриската црна ковид-статистика и заладувањето, речиси и да го запреа нивното работење. Сепак, како што велат најупорните, не смеат „да се кренат рацете“, па тие, внимавајќи на протоколите, организираат патувања, дури и надвор од нашава земја, но најавуваат и посети на гости од странство.

Маврово / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сопственикот на туристичката агенција „Арбо травел“, Дончо Нацев, со гордост вели дека на 3 јануари ќе ја пречека групата гости што доаѓаат од Украина.

– Директната авионска линија Скопје-Киев е многу значајна. Првиот лет на оваа релација е веќе направен, а ќе има два лета во неделата, во недела и во четврток, и така ја правиме турата. На 3 јануари ќе дочекаме 30 наши гости од Украина, кои ќе ги посетат Скопје, Маврово, каде што изразија интерес и да скијаат, потоа ќе ги однесеме во Охрид, а ќе посетат и некои наши манастири, како и една винарница – вели Нацев.

Тој вели дека веќе воспоставил одлична комуникација со една компанија од Хонг Конг, чиј претставник ќе дојде во Македонија за кинеската Нова година.

Скопје, 1 јануари 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Очекувам да прецизираме детали околу носењето на туристи од Хонг Конг во Македонија. Добро е што за нив нема визи, но би сакал уште еднаш да алармирам, Владата да го реши прашањето со визи за кинеските државјани, затоа што токму тие и индонезиските туристи ќе го одбележат туризмот во Европа во 20121 година. Според информациите, 10 милиони туристи од Кина се подготвени да го почнат своето европско патување и ние треба да бидеме разумни и да не ја испуштиме можноста и нашата земја да биде вклучена како дестинација – вели Нацев.

Во однос на тоа дали и каде патуваат нашите туристи, Нацев вели дека и покрај заладеното време и влошувањето на состојбата со пандемијата, манастирски туризам има. Се посетуваат манастири во Македонија, а до скоро и во Србија, но и оваа земја воведе тест за ковид-19. Интерес има, но како што вели Нацев, забележлив е стравот кај народот.

Манастирски туризам, јавање коњи, возење велосипеди…

„Слободен печат“ беше гостин на еднодневно патување до манастирот „Свето преображение“ во прилепското село Зрзе, што го организира ТА „Арбо“. Денот се погоди прекрасен за прошетка, а природата и манастирскиот спокој носеа убавина и мир во душата. Тука, велат туристите со кои разговаравме, барем за кусо време заборавија дека постои пандемија, иако лицата им беа прекриени со заштитни маски.

Зрзе / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

На ова патување ја сретнавме Зорица Ѓорѓиеска, која беше во друштво со своите шест пријателки.
– Долго се колебавме. Но кога влеговме во автобусот, стравот исчезна. Видовме дека правилата за заштита целосно се почитуваат – вели нашата соговорничка.

Туристичкиот водач Гоце Настоски, кој ги придружуваше туристите во Зрзе, вели дека агенцијата веќе 20 години работи манастирски туризам, но дека овој пат е поинаку со макси и протоколи. Сепак, вели Настоски, луѓето што доаѓаат во манастирите, веруваат дека ништо лошо не може да им се случи.

Годинава што изминува ќе ја запаметиме и по еден поинаков туризам. Повеќе се дозна за можностите за јавање со коњ по Маврово, за организирано пешачење и за велосипедизам. На пример, туристичката агенција „Енџој Балканс“, која е специјализирана за таканаречен дојдовен туризам, односно која секогаш работела со странци, годинава дел од своите тури им понуди на домашните гости. Во понудата имаше пешачки и велосипедски тури, но и посета на кралската винарница во Демир Капија, на дрворезбарска работилница, на археолошкиот локалитет Стоби, посета на пчеларска фарма на Пелистер и пешачење по овој национален парк, посета на Крушево… А едно патување на „Енџој Балканс“ стана вистински хит во јавноста – пешачка или велосипедска тура со посета на хероината од „Медена земја“, Атиџе Муратова.

Турата што трае 9 часа, од кои 4 часа пешачење, вклучува и паузи кои исто така носат уникатно искуство, како што е освежување со овошна салата од локалните земјоделски поседи, традиционален турски чај, посета и едукација во локална земјоделска куќа, пикник ручек на реката Брегалница, и турско кафе послужено на традиционален начин во село Бекирлија, во друштво на Атиџе.

Сепак, сѐ е далеку од нормално

Но, сите напори што се прават во секторот туризам, како што велат многу туристички работници, се преживување на работ од бездна. Тоа се пресликува и во бројките што ги објавува Државниот завод за статистика. Летната сезона покажува дека во јуни бројот на туристите е намален за 95,6 проценти во однос на истиот месец лани, а дека ноќевањата се намалени за 94,6 проценти. Во јуни намалувањето на бројот на туристи е за 56 проценти, а на ноќевањата за 36,1 процент во однос на пред една година. Во август, во Македонија имало за 38,2 отсто помалку туристи и тие оствариле за 24,3 отсто помалку ноќевања. Во септември, пак, намалувањето на бројот на туристите е за 63,9 проценти, а на бројот на ноќевањата за 57,5 проценти.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски, изјави дека хотелиерството годинава ќе остари 20 отсто од приходите што лани ги остварило и дека не може со два месеца работа да се опстане цела година.

Туризмот, угостителството и транспортот беа првите жртви на ковид-кризата и затоа државата првиот пакет мерки го насочи во голем дел за нив. Компаниите од овие три сектори можеа да земат бескаматен кредит со грејс-период од 6 месеци, рок за отплата од 24 месеци, на тримесечни рати, а во износ од 3.000 евра до 30.000 евра. Во првиот пакет беше предвидено компаниите да може да користат и субвенционирање на придонеси за вработените до 50 отсто.

Како е во Црна Гора?

Опоравувањето на секторот туризам во Црна Гора ќе трае најмалку 3 до 5 години, проценуваат тамошните експерти. Според проценките изнесени во „Вјести“, Црна Гора оваа година ќе ја заврши со 90 отсто помалку приходи од туризмот во однос на 2019 година која била рекордна туристичка година. Проценките за нареднта година пак, се дека падот на приходите ќе бидат меѓу 30 и 50 отсто во однос на 2019 година.

Што се однесува до престојната зимска сезона, иако во Црна Гора има снег, тамошните туристички работници, не очекуваат ништо од сезоната, поради лошата епидемиолошка ситуација и мерките што ги ограничуваат во работата. Тие, иајавија дека има интерес за дочек на Новата година, но дека се очекуваат ригорозни мерки и заобиколување на новогодишните збави.

Стопанствениците и туристичките работници во Црна Гора, очекуваат од новата влада да ги усвојат мерките за поддршка на стопанството. Нивните надежи се дека таа ќе биде подарежлива од претходната. И економските аналитичари оценуваат дека досегашната помош во Црна Гора била „млака, неадекватна и недоволна“


(Анализата за влијанието на пандемијата врз туризмот е направена во соработка со дневниот весник „Слободен печат“ од Северна Македонија и дневниот весник „Вјести“ од Црна Гора – чиј цел тест ќе може да го прочитате утре на порталот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот