Туристичката сезона загрозена: Нов сој на коронавирус од Непал се шири во Европа
Одморите во странство би можеле да бидат загрозени ова лето поради страв од новиот сој на коронавирусот, кој наводно потекнува од Непал и се шири во Европа, пренесуваат странските медиуми.
Официјални лица од Велика Британија стравуваат дека непалската варијанта е отпорна на вакцините против вирусот, а владините научници веќе ги предупредуваат министрите за опасноста од новиот сој.
Извештајот дојде откако имунологот професор Џон Бел предупреди дека Велика Британија може да биде погодена од новите соеви на коронавирус, ако не се стори повеќе за да им се помогне на сиромашните нации да го вакцинираат своето население.
Тој рече дека заштитата од идните варијанти не е „загарантирана засекогаш“, иако вакцините се моментално ефикасни против варијантата Делта, која за прв пат беше идентификувана во Индија.
Болниците во Непал се пред колапс по трагичниот скок во случаи на коронавирус. Бројот на нови инфекции во март беше под 100, а сепак, во средината на март, беа регистрирани повеќе од 9000 нови случаи дневно.
Вториот бран во Непал беше поттикнат од зголемувањето на инфекциите во соседна Индија, но експертите сега се загрижени за новиот вид што е идентификуван.
Според „Сан“, одморите во Европа може да бидат загрозени ова лето, поради загриженоста за новиот сојод Непал и бавната вакцинација на континентот.
Некои извори велат дека бројот на нови земји отворени за патници од Велика Британија, но и други земји, ќе биде „крајно ограничен“ ова лето.