Тумор, четири бајпаса и мозочен удар: Димче Мешковски храбро се бореше до самиот крај
Ретка приказна за легендарниот актер Димче Мешковски и неговата ќерка, пливачката шампионка Наташа, е споделена на социјалните мрежи.
Препорачано
Дека „крушата под круша паѓа“ и дека талентот и харизмата се пренесуваат низ генерациите, најдобро сведочи една ретро-фотографија која деновиве ги разнежни оние што ја видоа на Фејсбук. На неа, легендарниот македонски актер Димче Мешковски позира со својата ќерка, тогаш младата и перспективна пливачка Наташа Мешковска.
Фотографијата е насловна страница на популарното списание „Екран“ од 26 јануари 1989 година. Овој кадар не е само обичен портрет, туку документ за едно време кога семејните вредности и вистинските ѕвезди беа во преден план.
Наташа Мешковска, која подоцна стана едно од најголемите имиња во македонското пливање и олимпијка, на фотографијата е во своите тинејџерски денови.
Објавата е на фејсбук-страницата „Ретро ризница“. Публиката, кога и да се спомене името на популарниот Мешко, со голема почит се потсетува на бројните негови улоги – од култните радио-драми, преку театарските претстави, па сè до неговите легендарни синхронизации на цртани филмови со кои пораснаа многу генерации.

Иако поминаа речиси четири децении од овој момент, ликот на Димче Мешковски останува врежан во колективната меморија како симбол на ведар дух.
Македонскиот актер почина на 20 март 2023 година, на 77-годишна возраст.
Веста за неговата смрт со неверување ја дочекаа колегите актери, пријателите, но и неговите обожаватели, кои преку социјалните мрежи се простуваа од бардот на македонското глумиште. Во едно интервју за „Женски магазин“, тој отворено зборуваше за своето здравје.
„Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот, кој ми е двапати опериран. Потоа паднав од велосипед, па скршив коска на бутот и сега сум инвалид од колкот. Оперирав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа – ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести, не можам сега сите да ги набројувам“, рече легендарниот актер.
Мешковски почина во Лос Анџелес, каде што долги години живееше со сопругата, во близина на неговата ќерка Јасна и нејзиното семејство.


