Тука сме, слушаме, гледаме и – молчиме

Сигурно сте ги слушнале повозрасните кога ќе речат: „На младите не им е гајле! Деца како деца, што знаете вие, млади сте уште!“ Овие две реченици во последно време сѐ повеќе ги слушам. А се прашува ли некој зошто на младите не им е гајле?

Не им е гајле затоа што државата ги – разочара. А тоа дека сме млади и ништо не знаеме, не е точно. Верувајте знаеме многу. Тука сме, слушаме, гледаме и молчиме, ама и тој молк многу кажува.

Апатијата кај младите е знак што треба да алармира. Таа е последица на сето она што со години се случува и го тера младиот човек, особено оној што не е партиски активен, да се затвори во себе. Да стане „незаинтересиран“. Присутна е разочараноста од неисполнетите ветувања од безброј влади и чувството дека ти како поединец не можеш ништо да смениш. Поради тоа младите се толку тивки.

Излезноста на изборите покажува дека народот не им верува на политичарите и дека не им менува многу кој е на власт. А тоа е страшно, бидејќи кога народот, кога младите генерации, кои се иднината на државата, не гледаат надеж во неа, тогаш што следува за таа држава?

Коренот на проблемот лежи во самиот систем. Доколку се почитува ставот на младите, доколку тие гледаат дека нивното мислење е важно, тогаш можеби работите ќе се сменат. Можеби ќе излезат на избори бидејќи ќе мислат дека нивниот глас е важен, дека ќе смени нешто. Ако не се случи тоа, нема да бидат тие во загуба, бидејќи светот е полн со шанси за нив.

Затоа, никој да не се чуди ниту зошто си одат, ниту зошто не се враќаат…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот