Трската гори, надлежните се чешлаат

Изгорена трска кај Струга / Фото: илустрација / Архива на Слободен печат

Основното јавно обвинителство Струга се уште не почнало да постапува по кривичната пријава за палење на трската и за уништување на крајбрежјето на Охридското Езеро во близина на Струга, случај за кој Државниот инспекторат за животна средина пред десетина дена излезе на терен и констатираше кршење на постојните закони и прописи за природата и за заштитата на Охридскиот регион. Инспекторатот тогаш се пофали дека активно соработува со ОВР Струга во откривање и санкционирање на уништувањето на природното наследство на струшкото крајбрежје и дека обезбедиле докази против лице што ангажирало градежна механизација за насипување и рамнење на дел од крајбрежјето со шут и земја. На локацијата исто така беа забележани и траги од опожарена трска. Овие активности резултираат со недозволена крајбрежна трансформација и уништување на пределот, за што според Кривичниот законик е предвидена и затворска казна од три месеци до три години.

Од Обвинителството информираа дека пристигнала кривичната пријава поднесена од Инспекторатот, која е поднесена против едно лице од Велешта, а се однесува на сомненија за уништување на трската во езерскиот појас.

Пријавата била распоредена кај надлежен обвинител кој ќе постапува и откако ќе ги проучи наводите ќе издаде наредби за прибирање докази со кои ќе се утврди фактичката состојба и ќе се проверат наводите во пријавата.

Биолозите и другите експерти предупредуваат дека намерното опожарување на трската која е природен биофилтер на езерото и дом за голем број животни, предизвикува трајни и несогледливи последици по опстанокот на живиот свет во Охридското Езеро. Оваа појава речиси секоја година се случува неколку месеци пред почетокот на летната сезона и на тој начин се расчистува теренот за различни цели. За оваа загрижувачка појава редовно алармираат локалните еколошки друштва кои честопати ги посочуваат и виновниците, но резултати нема.

Иако под законска заштита, надлежните институции не се многу загрижени за уништувањето на крајбрежјето на езерото за потребите на градежните зафати на поединци на што укажува и фактот дека досега нема казни за сторителите. „Слободен печат“ побара информација од Обвинителството за тоа колку случаи на кривични пријави за уништување на крајбрежниот појас во Струга имало изминативе неколку години и како тие случаи завршиле. Оттаму информираа дека ОЈО Струга во март 2019 година имало предмет против две лица за сторено кривично дело – оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости според член 264 од Кривичниот законик, а кој се однесуваше на наводи за сечење и уништување на трската во езерскиот појас, но било донесено решение за отфрлање на кривичната пријава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот