Тротоари-паркинзи пред Министерството за надворешни работи: Каде се „пајаците“ и полицијата?
И покрај тоа што паркирањето во општина Центар е најскапо и најтешко се наоѓа слободно место, тоа очигледно не важи за улицата Филип Втори Македонски. Таму или полицајците слабо поминуваат или не возат „пајаците“ на ПОЦ и на „Градски паркинг“ затоа што во спротивно ќе видеа и можеби ќе преземеа нешто, затоа што тротоарите се претворени во паркиралиште.
Препорачано
Станува збор за потегот од раскрницата кај плоштадот Скендербег до зградата на Министерството за надворешни работи, каде долж улицата од двете страни секојдневно се паркирани десетици автомобили. Па, ако веќе секаде низ Центар се внимава да не се паркира вон регуларните паркиралишта, затоа што, како што велат граѓаните, „пајаците“ ловат на секој чекор, зошто е оваа улица исклучок?

Институциите кои се тука лоцирани имаат свои подземни паркинзи, па доколку станува збор за службени возила или за возила на вработени во овие институции, тогаш полицијата треба да постапи како што си пишува во законот и да казнува, како што ги казнува погрешно паркираните „обични“ граѓани.
Колку за потсетување – и пешаците се учесници во сообраќајот, а не само автомобилите, и за нив се предвидени тротоарите, кои треба да бидат слободни за движење. Па затоа еве, доколку досега самите не виделе или ја игнорирале состојбата на улицата, да ги потсетиме надлежните да си се фатат за работа.


