Трите украински одбојкарки на Јанта волеј: Македонија ни е прекрасна, но срце нè боли за Украина

Тетјана Машковска, Валерија Собол и Валентина Осипчук пред тренинг

Валерија Собол, Валентина Осипчук и Тетјана Машковска, со голема помош од македонскиот одбојкарски работник Горан Јаневиќ Јанта, се спасиле од ужасот на војната во Украина. Сега настапуваат за Јанта волеј во македонскиот шампионат. Во Скопје им е убаво, но не можат да избегаат од грижите за најблиските кои се во Украина

Само два-три дена пред да започне војната во Украина, одбојкарката Валерија Собол во украинскиот град Житомир планирала да дојде на одмор во Македонија. Разговарала со пријателите во Скопје за аранжман. Не ни помислувала дека воените закани од Русија можат да се претворат во сурова стварност. Но набргу токму тоа се случило…

Веднаш по избувнувањето на војната шокираната Валерија (32) со нејзините две колешки од одбојкарскиот клуб во Житомир, Валентина Осипчук (22) и Тетјана Машковска (23), во драматично бегство, со голема помош од страна на нашиот познат одбојкарски работник Горан Јаневиќ Јанта и нивната пријателка во Скопје Емилија Ивановска, по тридневна одисеја, под постојана закана, „бркани“ од сирените за тревога, кријеќи се во бункери, се нашле на сигурно. Сами некако минале низ Украина, преку Молдавија стигнале до Букурешт. Таму „заглавиле“, па се јавиле во Скопје. Јаневиќ не се двоумел, веднаш тргнал, по многучасовен пат стигнал во Букурешт, ги земал одбојкарките и конечно ги донел на безбедно во Скопје.

Триото Украинки сега се членки на македонскиот шампион Јанта волеј, каде прв човек е Горан Јаневиќ. Во Македонија се чувствуваат безбедно, воодушевени се од гостопримството и срдечноста на нашите луѓе. Јаневиќ, кого тие го нарекуваат втор татко, не остава ништо да им недостига. Престојуваат кај Ивановска.

Сепак, грижите за нивите семејства и за пријателите кои се под постојана закана во Украина, не им даваат мир ни за миг. Се будат со страв, живеат постојано со грижи, следат што се случува во Украина, во контакт се со најблиските. Се надеваат и се молат војната што побргу да заврши. Собол и е добро позната на македонската спортска јавност. Таа беше членка на Јанта волеј и минатата сезона. Беше клучна во освојувањето на двојната круна, првенството и купот. Беше прогласена и за одбојкарка на сезоната. Нејзините две сонароднички првпат се во Македонија.

Спасот бил во Македонија 

Уште првиот ден од војната решив да дојдам во Македонија. Одлуката ја донесов буквално во една секунда. Се слушнав со Ема (Емилија Ивановска, соиграчка во Јанта волеј н.з.), потоа и со Јанта. Два или три дена пред да почне војната, зборував со Ема, затоа што планирав да дојдам на одмор во Македонија. Сега сме кај неа сместени. Тогаш си направивме муабет и реков дека ќе дојдам во мај. Таа рече одлично, доаѓај. По три дена, кога пламна војната, се слушнавме и ми рече Валерија зборував со Јанта, ако не си безбедна доаѓај во Скопје. Ќе ти помогнеме, ќе те сместиме. Потоа се слушнав со Јанта, му реков доаѓам, но со пријателките затоа што тие немаат каде да одат. Јанта веднаш рече дека ќе ни помогне, направи се и прави се за нас. Многу ни помага. Кога и да ни треба нешто, бараме од Јанта или од неговото семејство и секогаш ни помагаат – вели Собол која раскажува за бегството од Украина.

– Нашето патешествие траеше цели три дена. Јас и Ваља тргнаме од Житомир до Виница, каде беше Тања. Таму моравме да останеме еден ден бидејќи постојано свиреа сирените. Се сокривме во еден бункер и таму минавме цел ден и цела ноќ. Беше страшно. Следниот ден тргнавме кон Молдавија, а оттаму отидовме во Букурешт. Таму „заглавивме“, но дојде Јанта не зеде и не донесе во Скопје – вели Собол. Тука е мир и добро е, но сознанието за војната не дава душевен мир, вели Валерија.

– Тука сме на безбедно. Но тешко паѓа сознанието дака мојата татковина е бомбардирана, гранатирана. Секој ден луѓе умираат. Тешко е да се знае тоа. Тука луѓето се толку добри, што ни е голема утеха. Заедно сме со нашите пријателки, на тренинг, во слободното време. Зборуваме, се шетаме низ Скопје, секогаш сме со некого. Но тешка е помислата на она што се случува – вели Собол.

Семејствата постојано им се во мислите

– Имаме секојдневни контакти со нашите фамилии во Украина. Моето семејство е во Запорожје, мојот роден град. Тешко ми е кога мислам како им е сега. Таму не е идеално, но сепак е подобро од некои други делови од Украина. Секој ден таму свират сирени, се слушаат звуци од бомбардирање. Не е толку безбедно, но војната се уште не стигнала до Запорожје – вели Собол, која во Запорожје има мајка, татко и постар брат. Нејзината сонародничка Осипчук е од мало гратче близу до Житомир.

– Јас сум од Коростен. Моето семејство е безбедно. Мајка ми е во Полска. Во мојот град имало пукање, но сега е во ред. Сега е мирно. Но драго ми е што сум овде. Толку е добро, што на моменти заборавам на тешката ситуација во Украина. Многу ја ценам помошта од вашиот народ. Но само кога играме не мислам на ситуацијата дома – вели Осипчук. И Машковска е од околината на Житомир.

– Моето семејство живее во Била Црква. Таму засега е во ред. Сепак, среќна сум што сум овде. Клубот Јанта Волеј е како едно големо семејство. Јанта ни помогна на сите. Секако, ќе сториме се за да го освоиме шампионатот и имаме добри шанси да го оставриме тоа – вели Машковска. Валерија опишува како им почнува еден вообичаен ден сега во Скопје.

– Тешко е да се знае дека нашите смејства не се во сигурна земја. Ние сме на сигурно, но тие не се. Секој ден кога се будиме наутро, прво ги гледаме телефоните, ги читаме вестите. Дали семејствата ни се безбедни, дали пријателите ни се добро. Потоа го започнуваме денот. Тешко е. Малку ни помага кога сме во тренинг, или на меч, на момент забораваме. Се фокусираме на играта – објаснува Собол која се уште не може да сфати како е можно толку ужасна работа да и се случи на нејзината земја. Таа била потполно шокирана. Била убедена дека сите закани со војна нема да се остварат. Но…

Никој во Украина не се надевал на војна

– Никој во Украина не мислеше дека навистина ќе се случи оваа војна. Беше „бум“, одеднаш. Никој не веруваше дека толку луда работа е можна. Моите родители ми се јавија рано утрото, беше се уште ноќ. Мајка ми рече Валерија почна војна. Бев шокирана. Таа ми рече, спакувај се и бегај некаде. Не останувај тука. Беше гром до ведро небо. Почнав да се јавувам насекаде. А претходно мислев дека е блеф. Не разбирам како во 21. век луѓето можат да прават вакви работи. Не е време за војна. Не е право. Немам зборови… – вели Собол, која раскажува и што сакаат најмногу да прават гостинките од Украина кога не се на тренинг или на меч.

Тимот на Јанта волеј (фото: Фејсбук, Јанта волеј)

– Најмногу шетаме наоколку, се среќаваме со пријалите. Најмногу ни се допаѓа Аеродром. Се има во Аеродром. Тука е место за нас. Луѓето се толку добри, постојано ни помагаат. Кога ќе дознаат од каде сме, постојано се со насмевка, не прашуваат како сме. Инаку, кога првпат дојдов во Македонија, бев импресионирана од планините. Во Украина немаме толку планини. Овде сме опкружени со планини. Овде времети е многу променливо. Еден ден паѓа снег, другиот ден е топло. Но генерално, потопло е од Украина. Ни рекоа дека лете е пеколно топло дури 40 степени и дека ќе се истопиме. Многу топло за нас – вели Собол со насмевка. Трите Украинки се прилагодуваат се повеќе на животот овде, им помагаат девојките од екипата и децата на Јанта, синот Никола и ќерката Моника. Но…

– Се е добро овде, но кога дома е војна, не можете да сте добро – велат Валерија, Тања и Ваља.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот