Интервју со Александра Шијакоска: За Велигден кај мене, за Бајрам кај Едмонд, сите празници се наши

Фото: Приватна архива

Александра Шијакоска важи за една од најпознатите модни блогерки кај нас. Добро осмислените фотографии на нејзиниот профил го претставуваат нејзиното секојдневие со креативни модни комбинации.

Приватно, вели дека е исполнета личност, среќна во брак со нејзиниот Едмонд, во кого се вљубила уште во школските денови.

Пред Велигден, зборуваме со Александра, за љубовта, традицијата, различните културни вредности, модата, детството…

Велигденските празници се на прагот, какви чувства будат кај тебе тие денови. Како се прославувал Велигден во твојот дом?

– Мене празниците ми будат некое чувство на топлина, денови кога семејството е собрано заедно, ме враќаат во детството. Кога имав три години, се преселивме во друго село за да можеме да се школуваме, но ден-денес за Велигден се враќаме секогаш во селото на дедо ми и славиме заедно со него. Рано наутро во црква и првото скршено јајце со дедо ми, ми е омилената традиција. Кога бев дете, Велигден го сакав уште повеќе, затоа што само тогаш ни купуваа нешто ново, за Велигден и 1 септември мораше да имаме нова облека. Не знам дали ние растеме и тонеме во светот на „возрасните“ или за жал, секоја година сѐ повеќе спласнува еуфоријата околу празниците, па помладите генерации не се радуваат на празниците колку нас. Дотолку што, последните неколку години во црквата на село се собираме само неколку семејства (последниот пат само три), за разлика од претходно кога беше преполно. Исто во Битола излегуваме навечер, обично во црквата кај саат кулата и на полноќ се кршиме со јајца со пријателите. И уште едно правило, кај нас никогаш не се патува за време на големите празници, секогаш сакам да сум дома и со семејството.

Колку си креативна околу вапсањето велигденски јајца? Модерни трендови или традиција?

– За вапсање на јајца јас и сестра ми сме задолжени уште од мали. Мајка ми готвеше, а ние имавме обврска да ги вапсаме јајцата. Денес и двете сме омажени, но на Велики Четврток секогаш се враќаме дома. Велигденски јајца бојадисуваме токму во куќата на нашите родители. И тоа ни остана како традиција. И родителите се среќни што куќата им е полна.
Јас освен црвени, секоја година сакам да експриментирам со по нешто ново, па оваа година купив златна фолија и ќе пробам да ги вапсам со придодни бои, лушпа од кромид, боровинки. Зачував еден куп видеа, па годинава ќе пробуваме нешто ново. Црвените секако се вапсуваат први за традиција, другите за ќеф и за да ни е поинтересно.

Фото: Приватна архива

Откако си во брак со Едмонд, како се прославуваат празниците?

– Во моментот живееме сами, но за празниците сме секогаш со родителите. За неговите празници, како Бајрам, славиме кај неговите родители дома, за моите празници, еве го сега Велигден е на прагот, славиме кај моите родители. Така што, сите се наши празници. Мене многу ми се интересни и другите религии и култури и ме интересира сѐ што е ново. Прекрасно е што славиме различни празници, па така нашите родителите нема да слават празници сами.

Како почна љубовта со Едмонд и со што те освои?

– Љубовта со Едмонд почна на најчистиот начин, бевме деца… Така „слепо“ се сака само во средношколски години. По четири години неразделна дружба, сфаќаш дека си се вљубил во другарчето од клупа, но никако не си признаваш. Ние тогаш не знаевме за разлика меѓу луѓето и не знаевме што нѐ чека… Останатото е историја, која, ако дочекам пензионерски денови, ќе се пишува во книга.

Фото: Приватна архива

Што е карактеристично за вас битолчанките, а го немаат другите?

– Јас практично сум дете од село или како се вели, селанка и многу сум горда на тоа. Не сум класична битолчанка, но растев во Битола така што сум, да кажеме, половина битолчанка. Од тоа како растев и како е сега, можам да кажам дека битолчанки од мое време во моментот се само историја. Порано една битолчанка не излегуваше на саботно корзо на Широк Сокак без високи потпетици и добра комбинација. Битолчанки се познати по убавината и по тоа што секогаш се средени, тинејџерите сега повеќе сакаат комотност и шест броја поголеми парчиња, па некако се разидуваат од класичните битолчанки. Исто така, една битолчанка е горда на тоа што е од градот на културата и конзулите и каде и да оди, се враќа во Битола.

Инстаграмот е дел од тебе и 8 години си постојано на социјалните мрежи како модна блогерка. Како почна оваа приказна со модниот блог?

– Од бунтовник кој не се интересира за мода и блогови, еден ден ми „кликна“ дека сакам мода и сакам да се сликам и да експериментирам. Немав можност да си купувам нови алишта, па од стипендијата на факултет си купив машина за шиење, научив да шијам и преправав стари алишта. Првите неколку години беше вистинска борба, без никакви услови, но благодарение на таа борба, запознав многу добри и лоши луѓе, научив да селектирам, имав можност да го видам светот, да положам за автомобил, да заработувам, да можам финансиски да се грижам за семејството и многу други убави работи.

Фото: Приватна архива

Кога стана свесна дека си влијателна личност, очекуваше ли? Не криеш и дека добро се заработува на Инстаграм.

– Кога почнаа да ме застануваат луѓе да се фотографираат со мене, кога ме застануваа да ми кажат „браво девојче“. Кога ќе видев дека се распродало нешто што јас сум го објавила. А најмногу ми годеше кога ќе ми пријдеше некој постар од мене и ќе ми каже: „Александра браво, за тоа што покажуваш вистински вредности во ова невреме, што не се срамиш од тоа да кажеш која си, од каде потекнуваш и како си почнала и со тоа да бидеш инспирација за многу луѓе“. Одлично се заработува, а најважно од сѐ е тоа што времето си го органзираш сам и не работиш осум часа туку некогаш 24, некогаш ќе си земеш три дена одмор.

Кои се идните предизвици?

– По соочување со смртта очи в очи, не планирам и немам некои големи предизвици. Моментално тоа си го гледам како маана против која ми е тешко да се изборам, но си давам време. Некои што сум ги имала претходно и во моментот ми се на листата. Сакам да станам мајка и да си основам семејство со Едмонд, да им овозможам на родителите и на дедо ми сѐ за еден удобен живот, да си ја разработам колекцијата која своевремено беше една многу успешна приказна, еве може и да си купам некој добар авотомобил, кој нема да ми се расипе по пат. Најважно од сѐ, да сум здрава и жива и јас и семејството, затоа што ништо од ова не е важно доколку немаш здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот