Слободан Трендафилов, претседател на ССМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Трендафилов: Една минимална плата не е доволна ни за „леб и вода“, ССМ на 1 мај ќе излезе на протест за повисоки плати и достоинствен живот

Во интервју за „Слободен печат“ претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупредува и на сериозни обиди за поткопување на колективните договори. Вели дека ако денес се укине еден договор, утре ќе се укинат многу други, а со тоа се загрозуваат работничките права

Во пресрет на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, работниците и Сојузот на синдикати на Македонија повторно излегуваат на протест со јасна порака: минималната плата не обезбедува ниту основни услови за живот, а институциите не покажуваат доволна волја за суштински решенија.

Во интервју за „Слободен печат“ претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, вели дека Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина.

Оваа година главното барање на работниците е зголемувањето на минималната плата кое за жал сè уште не се случило.

-Работниците заедно со ССМ веќе два пати протестираа и три пати ги блокираа институциите по однос на барањето за зголемување на минималната плата, за жал слух од другата страна сè уште нема. Дополнително, нападот на колективните договори е нешто преку што не може да се помине затоа што интенцијата за укинување на еден колективен договор денес, значи домино ефект и укинување на многу други колективни договори утре и тоа само затоа што некому не му се допаѓа тоа што во истите е утврдена методолигија на исплата на плати. Подеднакво важно е и прашањето за безбедност и здравје при работа. Денеска работниците се соочени наутро кога одат на работа да не знаат дали ќе се вратат дома. Пред само неколку денови животот трагично го загуби еден работник, а неколку други беа потешко повредени само затоа што не се почитувале и не се преземале мерки за безбедност и здравје при работа – вели Трендафилов.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На прашањето дали ова е вовед во порадикални мерки, Трендафилов вели дека борбата е долгорочна.

-Работничката борба не е еден протест, еден штрајк или една блокада. Тоа е континуиран процес. Наша должност е да зборуваме гласно и на маса за преговори и на улица. Работничката борба не е спринт, туку маратон, а ние сме покажале дека сме единствениот вистински глас на работниците вели тој.

Објаснува дека последните преговори со Владата и работодавачите не донеле резултати.

-Последен пат за растот на минималната плата разговаравме во март, на седница на Економско-социјалниот совет. Ги презентиравме аргументите, анализите, но кога стана јасно дека нема намера да се прифати барањето, ја напуштивме седницата – вели Трендафилов.

Додава дека наместо реално зголемување, било предложено само законско усогласување од околу 1.667 денари.

-Тоа е минимално поместување кое не ја одразува реалноста. Денес минималната плата не покрива ниту дел од основните трошоци – вели тој.

Клучниот проблем, според Трендафилов, не е економијата, туку недостигот на политичка волја.

-Ако ССМ не зборува за ниските плати, изгледа како сите да се задоволни. Но реалноста е сосема поинаква. Само за храна и пијалаци, според синдикалната минимална кошница, се потребни над 26.000 денари. Тоа значи дека една минимална плата не е доволна ни за „леб и вода“. За покривање на основните трошоци се потребни 2,6 минимални плати – вели Трендафилов.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Трендафилов додава дека вредноста на кошничката постојано расте.

-Од почетокот на годината се зголеми за над 3.000 денари. Ако трендот продолжи, на секое семејство ќе му недостасуваат повеќе од 10.000 денари за да ја зачува куповната моќ. Повеќе од две третини од вработените примаат плата под просечната, што значи дека голем дел од работниците, иако се вработени, живеат во сиромаштија – вели тој.

ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра, што, според него, би повлекло раст и на останатите плати. Во однос на прекршувањата на работничките права, претседателот на ССМ вели дека најчести се проблемите со неисплатени плати, додатоци и надоместоци.

-Обезбедуваме бесплатна правна помош и често реагираме. Имаме добра соработка со инспекторатот, но секогаш не е така. Има и случаи кога затајува таквата соработка, па така на пример едно јавно претпријатие се обиде да исплати К-15 во дрва наместо во пари сметајќи дека инспекторите нема да постапуваат по пријавите, но ние сме упорни кога се работи за прекршување на работничките права – вели Трендафилов.

Колективните договори, според него, често се игнорираат.

-Наместо предвиденото зголемување, во некои институции се дава помалку. Тоа е директно кршење на договореното, а има и обиди за нивно укинување – вели Трендафилов.

Нагласува дека имаат меѓународна поддршка и дека тоа е потврда дека се на вистинскиот пат.

-Работниците заслужуваат синдикат кој се бори, а не кој се моли. Протестот на 1 Мај ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом во Скопје, под мотото „За плата се бориме, не се молиме“. Ова е осма година по ред како организираат првомајски протест. Ова не е крај, туку дел од процесот. Протестите ќе продолжат и по 1 Мај, затоа што проблемите остануваат – вели Трендафилов.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во однос на можноста за генерален штрајк, порачува дека ќе постапат согласно волјата на работниците.

-Ќе бараме, ќе преговараме, ќе протестираме и ќе штрајкуваме ако треба. Тоа се нашите алатки. Слабата синдикална организираност е еден од проблемите. Само еден од десет работници е член на синдикат. Ако бројката беше поголема, работите ќе се менуваа побрзо – вели Трендафилов.

И покрај предизвиците, пораката е јасна, вели тој, а тоа е дека борбата продолжува.

-Работничката борба не е спринт, туку маратон. Имаме бројност, тие имаат моќ. Но ние нема да се откажеме додека не обезбедиме достоинствен живот за сите работници – порачува Трендафилов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот