Трансмедијалниот проект „На работ“ во Чифте амам открива проширено поле за израз и за перцепција

Авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ заедно со кураторот Ана Франговска

Комплексната, возбудлива, технички прецизна и општествено ангажирана трансмедијална изложба со наслов „На работ“ на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ успева да ги растрепери сите чувства на посетителот.

Фасцинантна изложба е поставена во предизвикувачкиот амбиент на Чифте амам при Националната галерија во Скопје. Авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ ги спојуваат своите креативни и уметнички интереси во заеднички проект што содржи повеќе слоеви.

Предмет на уметничките интереси на Гоце Наневски се широки интердисциплинарни истражувања во морфологијата на скулптурата, инсталацијата, објектот и скулптурата во големи размери, кинетиката, звукот, амбиентот, фотографијата, перформансот и видеоуметноста. Во проектот „На работ“ се чувствува и фасцинација од механиката.

– Уметноста се развива и се менува паралелно со развитокот на технологијата и на медиумите. Фасцинацијата од неа е легитимен чин, иста како и кон други ентитети, како природата, заедницата, емоционалниот живот, науката, просторот итн. Феноменологијата на механиката е комплементарна со наративот на кинетичката уметност и е предмет на истражувања кај многу автори, од кои дел се исклучително значајни во историјата и теоријата на уметноста.

Кај мене, тоа е еден длабок интимен интерес и љубопитност за истражување, кој е втемелен, веројатно, уште во детските денови. Тркалото е едно од најсуштинските откритија што тектонски го поместува развојот на цивилизацијата и тоа, на пример, ме фасцинира на елементарно ниво. Проектот „На работ“ е социо-општествено ангажиран, а кинетиката тука ја има улога на носач, нешто налик на тркало од камен или компакт-диск – објаснува Гоце Наневски.

Покрај комплексната техничка изведба на претставените дела, секое од нив зрачи со моќен звук што делува на сите сетила. Во тој сегмент од изложбата работеше музичарот и истражувач на амбиентални и електронски звуци Дориан Јовановиќ.

– Повеќето звуци што се слушаат на изложбата се снимени наменски за делата, некои се звуци на самите дела, но има и бранови, ноќен амбиент, урбан амбиент, разни градежни и други машини и сл. Меѓутоа, во повеќето случаи, звукот е понатаму обработен и склопен во колажи од различни, и не секогаш потполно реални и/или компатибилни, звуци кои се употребени во делата и кои служат како дополнителна димензија на израз на визуелно-опипливиот дел. Бидејќи, пред сѐ, станува збор за шумови, т.е. случаен звук што е резултат на некакви физички процеси, тие се во голема мерка асоцијативни (за процесите), но употребени во звучни колажи добиваат повеќе од едно значење и се надополнуваат со визуелното, но и го прошируваат полето за израз и за перцепција. Тоа што сакам да го нагласам е дека покрај снимањето, обработката и монтажата на звукот се значаен дел од процесот што придонесува кон овие дела. Не е ова некоја новина, звучниот дизајн е значаен и посебно разработен процес во филмот, но употребен во овој контекст добива посебна ширина и слобода. Како да работите на еден ненаративен, нелинеарен, апстрактен филм – истакнува Дориан Јовановиќ.

Изложбата е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија

Куратор на изложбата, која во Чифте амам ќе биде поставена до 27 септември, е д-р Ана Франговска, која посочува дека „На работ“ е „ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас, кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција. Тој се занимава и со дневнополитички прашања, но на прво место стои социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на ’малиот‘ или ’големиот‘ човек, начините на живеење… Наневски и Јовановиќ, всушност, спроведуваат социјален конструктивизам, кој се користи во социологијата и според кој реалноста не е вродена, туку општествено конструирана преку јазикот, симболите и споделените значења. Оттука, преку проектот ’На работ‘, тие ги конструираат, деконструираат или реконструираат општествените реалности. Тие ги преиспитуваат или критикуваат овие конструирани реалности, истакнувајќи ги начините на кои се обликуваат општествените норми и вредности.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот