Трамп и Зеленски повторно на линија: Америка сака мировен договор до лето
Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека сака што поскоро да ја заврши војната со Русија, објави американскиот новински медиум „Аксиос“, повикувајќи се на украински функционер и уште два извори запознаени со разговорот.
Препорачано
Според изворите, Трамп сака да постигне мировен договор до летото, но остануваат значителни разлики меѓу Украина и Русија, особено околу прашањето за територијална контрола во источна Украина.
Прв повик по состанокот во Давос
Телефонскиот разговор, кој траел половина час, беше првиот контакт меѓу Трамп и Зеленски по нивниот состанок во Давос кон крајот на јануари, објави „Аксиос“.
Телефонскиот повик се случи еден ден по четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина и еден ден пред закажаната средба на претставниците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, со украинскиот преговарачки тим во Женева. Кушнер и Виткоф разговарале и по телефон со Зеленски.
Според извор запознаен со плановите, рускиот претставник Кирил Дмитриев би можел да биде во Женева во четврток на одделни разговори со претставниците на САД.
Многу пријателски и позитивен разговор
Три извори рекоа дека разговорот меѓу Трамп и Зеленски бил многу пријателски и позитивен, објави Аксиос. Украински функционер и друг извор рекоа дека Зеленски му се заблагодарил на Трамп за неговата досегашна помош и рекол дека само Трамп може да го натера Путин да ја запре војната.
„Зеленски потоа рече дека се надева оти војната ќе заврши оваа година, а Трамп одговори дека војната траела предолго и дека сака таа да заврши во рок од еден месец“, рече еден од изворите.
Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Можен трилатерален самит?
Една од темите на дискусија беше можен трилатерален самит меѓу лидерите на САД, Украина и Русија.
Зеленски минатата недела за „Аксиос“ изјави дека преостанатите разлики околу територијалното прашање би можеле да се надминат преку директни разговори меѓу него, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп, според извори, му рекол на Зеленски дека ќе работи на организирање на таков трилатерален самит доколку следниот состанок на преговарачите на САД, Русија и Украина, планиран за почетокот на март, донесе поголем напредок.
„Очекуваме дека овој состанок ќе создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп поддржува таква низа чекори. Ова е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се заврши војната“, напиша Зеленски на X.
Украински функционер рече дека Трамп ја повторил својата подготвеност да ѝ понуди на Украина значајни безбедносни гаранции од САД како дел од евентуалниот мировен договор со Русија.


