Фото: Скриншот

Трамп го крева влогот против Техеран, додека ги разнишува темелите на НАТО

Додека Блискиот Исток се наоѓа на работ на поширок регионален конфликт, политиката на Соединетите Американски Држави добива сè поизразени контури на сила која истовремено се заканува, преговара и ги преобликува постојните сојузи.

Серијата пораки кои дојдоа од Вашингтон по обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп на нацијата, покажаа нови ултиматуми до Техеран но и отворени критики кон НАТО, што сведочат за длабоката трансформација на американската надворешна и безбедносна стратегија, анализираат повеќето од светските и регионалните медиуми.

Имено, според извештаите на американските медиуми, претседателот Доналд Трамп преку потпретседателот Џеј Ди Венс испратил силна порака до Иран дека губи трпение и дека доколку Техеран не се согласи на преговори, нападите врз клучните цели ќе се интензивираат. Во исто време, тој ја остави можноста за прекин на огнот да биде отворена, но само под услови кои се дефинирани од Вашингтон.

Дали американските цели се исполнија во војната со Иран?

Овој притисок дојде по големата воена операција што ја започнаа САД и Израел кон крајот на февруари, со оправдување дека тоа била неопходна акција за неутрализирање на ракетните и нуклеарните закани што доаѓаат од Иран. Целите беа големите градови, вклучувајќи го и Техеран, а во нападите, според извештаите, загинаа врвни државни и воени функционери на иранската гарда.

Во своето обраќање до нацијата, американскиот претседател Трамп оцени дека сепак клучните цели на операцијата се блиску до постигнување, нагласувајќи дека американската војска дејствувала исклучително ефикасно. Во исто време, тој нагласи дека промената на режимот во Иран не е официјална цел на операцијата, иако последиците на терен доведоа до длабоки политички превирања во таа земја.

Во истото обраќање, Трамп тврдеше дека Иран повеќе не претставува реална закана и дека, како што рече, „Техеран беше агресор на Блискиот Исток, но повеќе не е“.

Американскиот претседател Трамп во својот говор појасни дека сите клучни нуклеарни постројки се уништени, што, според неговото толкување, претставува „инвестиција во иднината“ и долгорочна безбедност.

Сепак, развојот на настаните на терен укажува на посложена слика, анализира белградска Политика.

Според српскиот весник, Иран одговори со серија напади врз израелски цели и американски воени објекти во неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Бахреин, Јордан, Ирак, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Саудиска Арабија и Сирија. Овие потези на Корпусот на Исламската револуционерна гарда отвораат можност конфликтот да се прошири далеку надвор од границите на една земја и да добие облик на поширока регионална војна, но и поголема глобална дестабилизација.

На САД не им е потребна нафтата од Блискиот Исток?

Во исто време, Трамп во своето обраќање постојано нагласуваше дека на САД повеќе не им е потребна нафта од Блискиот Исток и дека Вашингтон нема стратешка обврска да биде присутен во тој регион.

Таквата изјава претставува значаен пресврт во однос на децениската американска политика и испраќа сигнал дека глобалните приоритети за енергија и безбедност се менуваат.

Западниот воен сојуз на тест? Трамп вели дека е можно Америка да излезе од НАТО

Во овој контекст, критиките кон НАТО исто така привлекуваат посебно внимание. Американскиот претседател отворено ја доведе во прашање способноста на алијансата да им помогне на САД во случај на глобална криза, оценувајќи дека не може целосно да се потпре на своите сојузници. Тој во својот говор според медиумот дури и навести дека се разгледува можноста за напуштање на алијансата, особено откако некои членки не ја поддржаа американската операција против Иран.

Ваквите пораки укажуваат на длабоко незадоволство во рамките на западниот сојуз и потенцијално отвораат простор за нова геополитичка конфигурација, во која САД би дејствувале многу понезависно отколку што дејствувале досега, анализират медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот