Традиционално за Водици: Стотици граѓани денеска ќе обидат да го фатат и извадат крстот од осветените води
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление или Водици, ден на кој традиционално во Скопје и во другите градови во Македонија се положува светиот крст во осветени води.
Препорачано
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар, каде се пријавени околу 160 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат и да го извадат крстот од водите на реката.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе почне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан ќе го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.
Во Охрид централната богослужба ќе се одржува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува ваа традиција, „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив ќе го положи крстот новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.


