Топловодот од РЕК пристигна до Битола

Фото: Слободен печат

Премиерот Димитар Ковачевски денеска официјално го означи крајот на градежните работи на топловодот од РЕК „Битола“ до градот и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа во Битола.

– Овој проект по своето значење и големина се вбројува во рангот на изградбата на РЕК „Битола“, на „Стрежево“ и други капитални објекти кои суштински го промениле и го менуваат животот во Битола. Истиот се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓани на Битола.

Фото: Слободен печат

Согласно планот, најпрвин, ќе бидат приклучени 35 државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, спортската сала, објекти кои загадуваат и кои многу трошат за згревање, а потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година-соопшти премиерот Ковачевски, кој нагласи дека овој проект кој е од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки.

– Проектот е од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила и истиот е еколошки и ако претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола, којашто ќе работи на мазут, сега е тоа решено со потстаница за природен гас. А решена е и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот-истакна премиерот Ковачевски.

Фото: Слободен печат

Инаку, трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини каде што жителите главно се занимаваат со земјоделство, а топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти и со тоа ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во Регионот.

– Работиме по план и стратешки, реализираме проекти коишто со години се држеа во фиоки, поради тоа што не биле добро смислени и поставени, како што беше и со овој проект, којшто претходно беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив, порача премиерот Ковачевски и додаде дека се решени имотно-правните односи по текот на трасата на топловодот, по пат на експропријација.

Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК „Битола“ ќе произведува електрична енергија, рече премиерот Ковачевски.

Владата, како што објасни премиерот, има план за РЕК „Битола“, со оглед дека енергетската транзиција на РЕК „Битола“ е највисок приоритет за целокупниот развој на Пелагонискиот регион.

Премиерот соопшти дека се планира и изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, којашто во иднина ќе може да работи и на водород.

– За ова веќе соработуваме и со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори. Оваа гасна електрана ќе замени еден од постојните термоблокови. Дополнително, во финална фаза се и физибилити студии за нови над 300 МW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски инситуции ЕБРД и КФW на кои сме им благодарни што ја поддржуваат енергетската транзиција во Северна Македонија. Очекувам на почетокот на 2024 година, да се избере и компанијата која ќе ја изгради првата 20 МW фотонапонска централа во РЕК „Битола“ и ќе ја започне енергетската транзиција. До крајот на наредната година централата ќе биде и во функција и оперативна на мрежа, додаде премиерот Ковачевски и потенцира уште еднаш дека вработените во РЕК „Битола“ не треба да стравуваат за својата иднина, туку напротив РЕК „Битола“ има иднина и РЕК „Битола“ ќе произведува струја за Северна Македонија.

Фото: Слободен печат

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов нагласи дека граѓаните на Битола ќе добијат парно од РЕК „Битола“, со што ќе се намали потрошувачката на струја и ќе се намалат сметките за затоплување на институциите и домовите и посочи на еколошките придобивки од топлификацијата.

– Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио и ќе се стреми во иднина да бидеме енергетски независна земја, којашто произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори на енергија-рече Стефанов.

Директорот на ДООЕЛ Топлификација Битола, Горан Козаров посочи дека Битола добива топлификациски систем којшто е проектиран да работи и независно и да обезбедува топлинска енергија од 100 МW.

Завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола, како што рече директорот Козаров, продолжува по битолските улици и во следните 18 месеци, низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.

На настанот беше оценето дека реализацијата на битолската топлификација е доказ дека „ако се работи напорно, нема недостижна цел“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот