„Тони нема баба на село“ – Зоолошката градина во Киев мака мачи да го стопли горилата
Вработените во зоолошката градина со агрегати, печки и деноноќна грижа се обидуваат да ги заштитат животните од студот, додека Киев често останува без струја и греење поради руските напади врз енергетската инфраструктура.
Вработените во Зоолошката градина во Киев работат дење и ноќе за да го заштитат горилата Тони и другите животни од студот, бидејќи поради руските напади енергетската инфраструктура во Украина е загрозена, објави „Политика“.
Препорачано
Откако градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска повторно упати апел до граѓаните, доколку можат, привремено да го напуштат градот, директорот на Зоолошката градина, Кирило Трантин, истакна дека за 51-годишниот Тони, најстариот горила во Украина, како и за другите жители на зоолошката градина, таква можност не постои.
„Луѓето можете да ги испратите на село, но на Тони тоа не можам да му го кажам. Тој нема баба на село кај која би можел да престојува“, рече тој.
Вработените пет пати дневно носат дрва за печката што постојано гори, за температурата во кафезот на Тони да биде околу 20 степени Целзиусови.
Во зоолошката градина агрегатите работат непрекинато за да се загреат животните, меѓу кои се коњи, бизони и слонови.
Вработената во зоолошката градина, Викторија Служенкова, изјави дека паркот има доволни залихи на вода за да ги покрие потребите на слонот, кој троши околу 150 литри вода дневно.
„Постојано ги полниме резервоарите за да можеме да издржиме во автономен режим три дена“, рече таа.
Покрај грижата за животните, вработените истовремено се соочуваат и со сопствени предизвици за преживување, бидејќи поради честите руски воздушни напади врз енергетскиот систем на Украина, милиони луѓе во Киев и во другите градови често остануваат без струја и греење, наведува агенцијата, пренесува Танјуг.


