ТОАРИЛУЦ го потцени јавниот интерес: Колкаво ниво на формалдехид е измерено во салите?

Хируршка клиника / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) го одби барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер на новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска да добие фотокопија од извештајот за измерено ниво на формалдехид во операционите сали во оваа јавна здравствена установа. На Симоновска, раководството на Клиниката, поучено од правната служба ѝ дозволува да направи само увид во извештајот, односно да оди да го види во просториите на болницата, со експлицитна напомена дека не смее да фаќа белешки од извештајот на лист хартија ниту пак да го фотографира наодот за измерените нивоа на формалдехид со мобилен телефон.

Станува збор за извештај за мерење направено од приватна лиценцирана компанија. Компанијата мерела нивоа на формалдехид во операционите сали на јавната здравствена установа, а за тоа била платена од сметка на Клиниката. Оттаму сметаме дека извештајот не би смеело да се класифицира ниту да се спречува новинарот да го добие во неговата изворна форма со цел понатаму да може наодите да ги даде на толкување кај експерти од областа кои би можеле да дадат релевантен став за тоа дали овие нивоа на формалдехид се дозволиви, како би можеле да се најдат во операционите сали и каков е нивниот ефект врз пациентите.

Наместо тоа, ТОАРИЛУЦ изготви решение по нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер во кое наведува дека тоа делумно се одбива, иако фактички целосно се одбива, поради фактот што без фотокопија на обемен извештај и со експлицитна забрана за фаќање забелешки на лист хартија – таквиот увид е беспредметен, само проформа и не може да се изврши основната цел на аналитичкиото новинарство.

„Ве известуваме дека стручните наоди од извршените мерења од страна на правниот субјект ДПТУ Премиум Сејфти Солушн 77 ДОО – Скопје се ограничени во делот на умножување и копирање, а со тоа ограничено е и нивното споделување на наведениот начин без претходна писмена согласност од лабораторијата, односно писмено одобрение од фирмата. Со оглед на тоа дека во моментов не располагаме со писмена согласност од лабораторијата, ниту писмено одобрение од фирмата за споделување на резултатите од извршените мерења ниту како фотокопија, ниту како препис, ниту како електронски запис, Ве известуваме дека може да извршите увид во овие наоди во просториите на Клиниката“, одговорија од ТОАРИЛУЦ на нашето барање и наведоа дека е потребно да го наведеме денот и времето кога би сакале да го направиме увидот.

Тоа немаше да биде проблем, но телефонски бевме известени од раководството на јавната здравствена установа дека за време на увидот не смееме да фаќаме белешки на лист хартија од извештајот ниту да го фотографираме со мобилен телефон. Директорката, професор доктор Марија Срцева ја прашавме колку страници има извештајот на што таа рече дека се работи за повеќе посебни извештаи.

Таквиот обемен стручен материјал нема новинарска вредност доколку не е толкуван од експерти по токсикологија, хемичари и физичари, кои можат да го преведат на разбирлив јазик и да објаснат како формалдехидот се нашол во салите и дали тие концентрации во кои е констатиран имаат импакт врз пациентите и каков.

„Слободен печат“ вложи жалба пред Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за решението да ни се дозволи увид, а да бидеме одбиени за фотокопија од ова важно мерење, бидејќи сметаме дека на таков начин се спречува работата на новинарите во функција на јавниот интерес.

Претходно министерот за здравство Арбен Таравари на прашање на нашата новинарка потврди дека во салите имало измерено формалдехид, но рече дека извештајот официјално не го добил во Министерството. Прашање е дали ТОАРИЛУЦ не му го пратиле на увид на министерот или и тој се приклучува во класифицирањето на јавни податоци за кои јавното здравство плаќа од буџетот на здравствените осигуреници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот