Тетовски егзодус: 1.300 ученици помалку во училиштата, цели семејства се иселуваат, исписите на учениците не престануваат

Деца ученици со ранци во школски двор / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Трендот на затворање на класовите во основните и средните училишта во Тетово не запира. Оваа учебна година статистика е најцрна.

Споредбено со минатата, годинава се запишале 1.300 ученици помалку во основните и средните училишта.
Исписи од училиштата родителите сè уште бараат за своите деца, а причината, како што посочуваат во нивните образложенија, е иселување во западноевропските земји.

– За жал трендот на намалување на бројот на ученици не ја одминува ниту општина Тетово. Последниве години, секоја учебна година има помалку запишани ученици. Колку за пример, во средните училишта оваа учебна година има запишано 500 ученици помалку, а во основните околу 800. Во текот на првото полугодие од училиштата во општина Тетово се отпишани 160 ученици, а до крајот на оваа учебна година се очекува таа бројка да се зголеми на 250. Намалувањето на бројот на ученици повлекува и проблем за наставниот кадар, бидејќи голем број на наставници заради затворање на паралелките се соочуваат со губење на работните места. Главната причина за сето ова е иселувањето во странските држави, изјави Милена Вучевска портпаролка на Општина Тетово.

На тетовци, пак, од месец на месец им се стеснува кругот на пријатели. Нема жител на градот чиј роднина или пријател не и иселен со своето семејство во странство.
Ако порано луѓето заминувале само поради економски, сега причините за отселувањето од Тетово, но и за цела држава се повеќеслојни, велат граѓаните.

– Од Тетово навистина луѓето заминуваат од економски причини за подобра плата и подобар стандард, но во последно време сум сведок дека имало во градот добро ситуирани семејства кои имале добри плати, а сепак заминале во странство. Не можеле, како што раскажуваат, да ги трпат неправдите кои се прават тука, пред сè на политичка основа“, вели еден жител на Тетово.

– Тука ако си во партија можеш да опстанеш, ако не ќе тонеш како и што тонеме веќе подолг период. Како што и вие новинарите гледате, се е партиски, особено вработувањето. Како што тргнала работата, тука во државата ќе останат само партиски луѓе, додава друг жител на Тетово.

– Не е проблем само добра плата, проблемот тука е што не функционира системот. Ние го немаме основното човеково право да дишеме чист воздух и да пиеме вода и бадијала ти е висока плата од 1.000 евра, ако немаш чист воздух, немаш здравство, образование и слично, додава друга тетовка.

За масовниот егзодус во Тетово говори и сликата на автобуската станица во Тетово каде најредовни линии се Тетово – Берлин и Тетово – Цирих, за каде тетовци во последно време купуваат карта само за еден правец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот