Тешко до конзилијарно мислење: Државата со термините ја кочи туѓата нега

Profimedia
Фото: Илустрација / Профимедиа

Матичните лекари се жалат дека комисијата што издава решенија за туѓа нега нема доволно термини, па пациентите со месеци чекаат за да го остварат правото на надоместок за нега од трето лице. Уште еден проблем е што на пациенти со долгорочни дијагнози не им се продолжува по автоматизам решението за туѓа нега, туку секоја година им се бара да го обноват. Притоа има и апсурдни ситуации да им се бараат нови потврди за дијагнозата дури и на пациенти што се родени со 99-процентно слепило!?

Пациентите велат дека по шест месеци чекале за термин, по шалтерите ги „шетале“ од социјално до матичен и никаде не завршуваат работа.

Силвана Костиќ од Скопје, пациентка која 21 година е на дијализа, во пандемијата го загубила правото на туѓа нега, зашто немало термини за конзилијарни мислења. Така, пари за туѓа нега не зела десет месеци, што значи дека вкупно 45.000 денари ѝ пропаднале, иако ѝ следуваат според дијагнозата.

– Имам братучетка докторка, па таа едвај ми закажа. Матичните лекари не се толку заинтересирани за пациентите. Страшно, кој мене сега ќе ми ги надомести парите што не сум ги зела десет месеци – прашува Костиќ.

Лекарите велат дека мака мачат да закажат термин, а дури и кога термините ќе се „пуштат“, за многу кратко време се зафаќаат, па нивните пациенти остануваат без парите што им се неопходни.

– Ова што се случува со термини за туѓа нега навистина е неприфатливо. Цел ден ќе чекаш и за дел од секундата сè е зафатено! Има ли некој што ќе ги среди овие работи за во иднина? Ова е тортура за сите нас, освен за тие што си имаат луѓе што им кажуваат кога ќе бидат пуштени термините. Катастрофа – коментира доктор Адмир Изери, вработен во приватна амбуланта во Скопје.

И претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова-Дервишова смета дека системот со кој на пациентите им е одобрува  туѓа нега мора да се менува.

– Проблемите со закажување термини за туѓа нега се големи. Не можеме да фатиме термин. Не ги кажуваат термините јавно. Ако разбереме едни со други дека се пуштени, тогаш влегуваме во трката „брзи прсти“. Инаку, пуштаат многу малку термини и за 30 секунди ги снемува. А ние треба да работиме со пациентите, а не да „ловиме“ термини – вели Дервишова.

Таа вели дека состојбата особено се влошила по почетокот на епидемијата со коронавирусот и дека лекарите многупати се жалеле на овој проблем.

– Многупати реагиравме, но како никого да не го засега овој проблем. Пациентите со месеци не ги добиваат тие пари, а им значат. Нема потреба од овие термини, ние треба само да кажеме кои луѓе треба да имаат туѓа нега и натаму треба да си менаџираат болниците – вели доктор Чолакова-Дервишова.

До пред неколку години туѓата нега, доколку беше продолжена, се исплаќаше ретроактивно и за пропуштените месеци, додека се обезбедило решението за нејзино продолжување. Но, сега пациентите на кои им истекло старото решение не добиваат надоместок додека не добијат ново. Упатените велат дека тука треба да се бараат мотивите за недоволните термини и со  одолговлекувањето на обновувањето на решенијата за туѓа нега.

Министерството за здравство тврди дека ги зголемило термините за разгледување на медицинската документација за секоја од стручните комисии од 200 на 280 барања месечно. Дополнително, за првпат се формирани уште две нови комисии за регионите на Прилеп и на Гевгелија. Со тоа, смета МЗ, ќе се намали чекањето во овие две општини и во нивните соседни општини.

Во стручните комисии формирани во јавните здравствени установи има по тројца лекари специјалисти или супспецијалисти од областите на интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија. Во земјава има само 15 комисии, и тоа 5 во Скопје, и 10 во другите клинички и општи болници во државата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот