Тешка кражба на струја во Тетово – преку тајна шахта нелегално приклучени ресторан, фитнес и спа-центар
Тешка кражба на струја е откриена во станбено-деловен објект на улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово, соопшти Електродистрибуција.
По извршените контроли, било утврдено дека објектот, во кој работат ресторан, спа-центар, фитнес центар и салон за убавина, противправно користел електрична енергија преку специјално изработена подземна шахта. Според наодите, бил направен и директен неовластен приклучок на нисконапонски кабелски вод.
Препорачано
„Констатирано е противправно користење на електрична енергија преку специјално изработена подземна шахта и директно неовластено приклучување на нисконапонски кабелски вод. Од страна на Електродистрибуција се преземени мерки и е изготвена фактура за надомест на штета во износ од 3.459.428,00 денари“ соопштија од Електродистрибуција.
Од надлежните служби информираат дека е составен записник за неовластено користење на електрична енергија, а до Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија согласно член 235-а од Кривичниот законик.


