Терористи „де јуре“

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Очигледно, и Ахмети и Мицкоски, а особено Пендаровски, ги мешаат правничката употреба на зборовите „тероризам“ и „терористичко загрозување“, со секојдневната употреба на овие зборови, како и со стереотипната слика створена во последниве децении во мас-медиумите.

Просто е неверојатно како Христијан Мицкоски, онака вербално незграпен каков што е, сепак успеа да го измести целото тежиште на дискусијата за настаните од 27 април, која сосема заслужено се поведе на годишнината од овој најцрн настан од поновата македонска историја. Организираше, камуфлирано, еден срамен протест на кој се бараше ослободување на осудените за „крвавиот четврток“, се фати за една несреќна изјава на претседателот Стево Пендаровски за тоа дали кривичното дело „тероризам“ е добро заглавено, ја „прочита“ како што нему му одговараше, па побара од него и доби средба. Средбата беше наводно за „одмрзнување“ на односите со претседателот (замрзнати повторно со еден небулозен претекст – дека го дал мандатот на Заев!?), а всушност беше за дополнително „цедење“ на недопечената изјава на Пендаровски. Потоа, со своите тросмислени изјави ја внесе целата македонска јавност во вителот на неговите квазидилеми! И сега дебатата отиде во правец дали осудените биле „терористи“ или не, дали нивните затворски казни се преголеми или не, и дали и како може да има повторно судење за нив.

Пендаровски дури отпосле сфати дека е искористен, кога не можеше да си ги препознае своите зборови од разговорот со Мицкоски, но веќе беше доцна. Дури и Али Ахмети, кој најдобро би требало да знае, се впушти во оцени дека напаѓачите од 27 април, според него – не биле терористи. Добро, знаеме дека неговите стандарди за тероризам се „високи“, според нив и убиствата и масакрите на УЧК не беа тероризам, туку „борба за човекови права“. Оттука ќе беше чудно и нему „под честа“, овие насилници-дилетанти да ги оквалификува како терористи.

Очигледно, и Ахмети и Мицкоски, а особено Пендаровски, ги мешаат правничката употреба на зборовите „тероризам“ и „терористичко загрозување“, со секојдневната употреба на овие зборови, како и со стереотипната слика створена во последниве децении во мас-медиумите. Според тој „модел“ прва асоцијација за „терорист“ е бомбаш-самоубиец,  опремен со експлозивен елек, или подметнувач на автомобил бомба, со далечинско. Да, гледано, филмски и жанровски, компанијата што упадна во Собранието, раскрвави дузина пратеници и новинари и за малку не уби еден партиски лидер, не се вклопува во таа слика. Но, правно гледано нема никакви дилеми – членовите од Кривичниот законик, 313 „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ и 311 и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ филигрански прецизно го опишуваат дејствијата од „крвавиот четврток“. И нема никакви „нови докази“ кои ќе го изменат „битието“ на нивното дело, ниту пак каква било потреба за повторно судење или преквалификација за делата за кои одговараа.

Е сега, дали се казните високи? Да, особено ако се споредат со казните за злоупотреба на службена положба и овластување, како што видовме на неодамнешното судење во случајот „Фалсификувани пасоши“. Но, за тоа најмалку се виновни судиите, а најмногу законодавците. Тие изгледа мислеле пред се на себе и на својот задник кога предвиделе огромни казни (најмалку 10 и најмалку 4 години во членовите 313 и 311), а „тричави“ три месеци до три години (член 149 став 3) за злоупотреба на лични податоци од страна на службено лице. Но, Законикот е тој и судиите по него судат.

Не, казните се соодветни и делата се соодветни, она што не е соодветно е однесувањето на Мицкоски. И за тоа требаше да се води дебатата, да не беа неговите итромански спинови и несреќните изјави на Пендаровски и Ахмети. Како е можно, лидерот на најголемата опозициска партија, која не пропушта прилика да се прогласи себе си за идна власт, сè уште да стои на противуставни, антидемократски и антиевропски позиции? И згора на тоа да мобилизира членство и политички поени на истите деструктивни емоции и приказни што доведоа до „крвавиот четврток“? Тој се однесува како „правен наследник“ на организаторите на нападот и политички застапник на осудените, кои се обидоа со насилство, па и со убиства, да спречат мирен трансфер на власта и со тоа да погазат една од темелните вредности на демократијата. Со ниту еден чин не покажал каење, извинување или осуда на тој чин – токму напротив. Дискусијата требаше да се води во тој правец – колку е легитимно, па и колку е легално, партија што поддржува насилно уривање на уставниот поредок (а спречување на трансферот на власта беше токму тоа) да учествува во демократскиот натпревар?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот