Театарска премиера на „Златен Елец“: Претстава за комичните ситуации во животот

Новооснованиот независен театар „Златен Елец“ со премиерата на комедијата „Не ми го чепкај пивото!“ на 27 јули во Куршумли ан ќе го прекине неколкумесечниот застој во театарската продукција предизвикан од коронавирусот.

Театарската комедија „Не ми го чепкај пивото!“ е поставена според драмскиот текст „Не е тоа што мислиш“ на Армус Бериша Бели во режија на Ѓорѓи Ризески. Најголемиот дел од текстот е напишан од самиот театарски тим, тројцата актери и режисерот. Претставата се подготвува веќе неколку месеци со голем ентузијазам, љубов и упорност од страна на целиот тим, но и со одговорност, поддршка и помош едни на други, и со нула денари буџет.

– Претставата зборува за комичните ситуации во животот, како што се моментите на „извлекување“ кога си фатен на дело, моментите на инстант снаоѓање и глума. Може да се каже дека тоа е типичен македонски синдром на денешницата. Со многу пиво, смеење, еротика и непристојни игри сакаме да ја наведеме публиката низ позитивно и лесно гледиште да ја согледа палавата игра на човекот во „градот“ и низ целата претстава слатко да се насмее – велат од тимот што ја подготви претставата.

Во претставата играат актерите Надица Петрова, Давид Илиќ и Бобан Алексоски. Кореограф е Ирена Лозинска, сценографијата ја подготви Мартин Манев, а дизајнот на плакатот е на Александра Таушанов и Владимир Димковиќ. Асистент на режија е Тамара Стојаноска, на камера и монтажа на видео работеше Доан Доѓан, додека фотографијата е на Тамара Малкоска. Премиерата на претставата се изведува во рамките на програмата на „Скопско лето“. Со оваа претстава официјално ќе биде обележано отворањето на независниот театар „Златен Елец“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот