
Така зборуваше Мицкоски
И добро е што премиерот нѐ поттикнува и нѐ охрабрува како медиуми да бидеме активни, да поставуваме прашања и да бараме одговори, ама проблемот е во тоа – што добиваме повратно. Барем некои од нас. „Молк“ беше одговорот од Владата на прашањето на „Слободен печат“ уште во август лани, кои се надворешните советници на премиерот и колкав е хонорарот што го добиваат.
„Транспарентноста не е само обврска, туку е и основа на планот за градење модерна и демократска држава. Наша тенденција е да создадеме услови за независно новинарство и соработка. Транспарентноста не е еднонасочен процес. Ние како Влада сме подготвени да работиме отворено и одговорно. Но, и сите вие сте клучни. Повикувам да бидeте активни, поставувајте прашања, барајте одговори, давајте препорака – ваша е моќта“.
Препорачано
Така зборуваше премиерот Христијан Мицкоски на една неодамнешна конференција, праќајќи им порака на медиумите.
Освен она што го говори премиерот, црно на бело е запишано дека „секоја институција ќе го почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Така пишува(ше) во Платформа #1198 на ВМРО-ДПМНЕ со која пред изборите ги убедија граѓаните дека тие се вистинската партија што треба да ја држи власта во Македонија и на која се темели и програмата на Владата.
И добро е што премиерот нѐ поттикнува и нѐ охрабрува како медиуми да бидеме активни, да поставуваме прашања и да бараме одговори, ама проблемот е во тоа – што добиваме повратно. Барем некои од нас. Па така, „молк“ беше одговорот од Владата на прашањето на „Слободен печат“ (а и на два-три други медиуми) уште во август лани, кои се надворешните советници на премиерот и колкав е хонорарот што го добиваат секој месец. Од Владата не се одважија да пратат каков било одговор, па ни тоа дека не можат да ни одговорат, небаре се работи за строго чувана државна тајна. И бидејќи во извиканата Платформа стои дека „секоја институција ќе го почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, претпоставката беше дека Владата ќе биде прва во низата почитувачи на Законот.
Ама, ете, се излажавме.
За Владата очигледно не е валидно ни решението на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, ниту, пак, одлуката по жалбата. Одговорот и по пет месеци остана „молк“ како воопшто да не било поставено прашање и како воопшто да не се вклучила Агенцијата, која, патем, нели е државна.
И додека владините функционери, почнувајќи од премиерот, преку министрите, па понатаму се со полна уста „транспарентност“ за да се разликуваат од оние претходните кои, нели, „душмански го краделе народот“, на истиот народ не му кажуваат кого сѐ и колку плаќаат од парите на народот.
Зошто се надворешните советници на премиерот тајна, кога нивните хонорари се плаќаат од буџетот во кој сите ние придонесуваме, односно се плаќаат од наши пари, колку и да се чини излитена оваа реченица. Од друга страна, граѓаните и јавноста имаат право да знаат кој го советува премиерот за политики што ги засегаат сите. Само така ќе се тргнат сите дилеми и сомнежи за постоење, во најмала рака, кронизам при нивното ангажирање.
И неколкумина да не се пофалеа самите на социјалните мрежи, нагласувајќи ја честа и благодарноста до премиерот што ја препознал нивната заложба, како и (не од сите) „благодарност на Бога за можноста да служи и на овој начин на мојот народ, земја и на сите граѓани“, немаше да знаеме ниту едно од неколкуте имиња на кои им следуваат, ете, до 90 илјади денари месечно буџетски пари. Веројатно тоа е доволен надоместок за, како што одговориле од Владата за друг медиум, „работно ангажираните неколкумина надворешни советници, кои се од редот на професори, научници, истакнати стопанственици и експерти што поседуваат посебни знаења и искуства во областите на долгорочно стратегиско планирање, во економскиот, политичкиот систем и човечките ресурси и одржливиот развој“. Колку за потсетување, меѓу тие неколкумина со посебни знаења и искуства, кои никој не се обидува да им ги оспорува, се најдоа имињата на универзитетските професори Александар Спасеновски и Лазар Јовевски, лекарот Игор Николов, Сашо Марковски од МНР и Столе Пандов, инаку син на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Нивните посебни знаења и искуства сигурно вредат за сите пари што ги добиваат, а од нив аир треба да видиме сите.
Само да не е како аирот од транспарентноста.
„Сакаме да бидеме транспарентни колку што е можно повеќе, можеби некогаш не успеваме, ќе ни прости јавноста, но имаме чесна намера и сакаме да направиме нешто што не било како досега, нешто ново и се надевам дека барем делумно успеваме“, зборуваше премиерот.
И вака му рече Заратустра на народот: Време е човекот да си ја поправи целта. Време е човекот да го засади микробот на својата најголема надеж („Така зборуваше Заратустра“, Фридрих Ниче).