Тајланд ја затвори границата со Камбоџа, се водат борби во најмалку шест области
Вооружени судири меѓу Тајланд и Камбоџа избувнаа на најмалку шест локации денес, а тајландската војска ги затвори сите гранични премини, изјави денес тајландски воен претставник.
Препорачано
Контраадмиралот Сурасант Конгсири изјави дека Камбоџа распоредила беспилотни летала и војници вооружени со гранати рано утрово, објави Ројтерс.
Според него, камбоџанските војници отвориле оган врз тајландските војници, принудувајќи ги да возвратат на оган.
Според Би-би-си, портпаролот на тајландската војска, Рича Суксуанон, им рекол на новинарите дека „тајландските воени сили употребиле воздушна моќ против воени цели како што било планирано“.
Тајландската војска соопшти дека првичниот судир избувнал кога нејзините сили слушнале дрон, а потоа виделе шест вооружени камбоџански војници како се приближуваат кон тајландската позиција.
Тајландските војници наводно се обиделе да пукаат во него за да ја деескалираат ситуацијата, но камбоџанската страна отворила оган, објавува АП.
Во исто време, Министерството за одбрана на Камбоџа објави дека Тајланд го започнала вооружениот конфликт и дека Камбоџа „дејствувала строго во рамките на самоодбрана, одговарајќи на неиспровоцираниот упад на тајландските трупи што го нарушило територијалниот интегритет на Тајланд“.
Камбоџанскиот премиер Хум Манет изјави дека Тајланд ги нападнал позициите на камбоџанската армија во Прасат Та Моан Том и Прасат Та Крабеу во покраината Одар Минчи и дека тие се прошириле на подрачјето долж покраината Преах Вихер во Камбоџа и покраината Убон Рачатани во Тајланд.
„Камбоџа отсекогаш се залагала за мирно решавање на проблемите. Но, во овој случај, немавме друг избор освен да одговориме со вооружена сила на вооружената агресија“, рече тој, според АП.
Најмалку два тајландски цивили се убиени, а најмалку двајца други се повредени во ескалацијата на граничните судири меѓу Тајланд и Камбоџа, соопштија претходно тајландските власти.
Според началникот на округот Кабчинг во покраината Сурин, Сутирот Чароентанасака, околу 40.000 луѓе од 86 села се евакуирани на побезбедни локации поради заканата од конфликт, пренесува Ројтерс.
Тајландските власти потврдија дека во судирите биле вклучени и ракетни единици, додека камбоџанската армија користела тешка артилерија.
Во исто време, поранешниот камбоџански премиер Хун Сен изјави дека две камбоџански покраини биле погодени од гранатирање „извршено од тајландскиот воен апарат“.
Тој повика на смиреност и апелираше до народот да има доверба во камбоџанската влада и вооружените сили.
Тајланд, исто така, распореди борбени авиони Ф-16 против Камбоџа во пограничната област, соопшти војската.
Тајландската војска во исто време потврди дека во судирите било користено тешко оружје, вклучително и ракетни лансери БМ21.
Тензиите меѓу двете земји, кои ескалираа во последните денови, предизвикаа меѓународна загриженост за потенцијалното ширење на конфликтот, а меѓународната заедница повика на итна деескалација и намалување на тензиите, објави Танјуг.


