СЗО го вклучи алармот: Болниците во Газа ќе колабираат ако не пристигне помош

Фото:Твитер

Има интензивни борби меѓу израелската војска и борците на Хамас околу најголемата здравствена установа во Газа, болницата „Насер“ во Кан Јунис, која се уште работи, но таа ќе колабира доколку набрзо не стигне поголема помош, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

По повеќе од три месеци бомбардирања во израелската офанзива врз Газа, што беше предизвикана од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, повеќето болници во енклавата веќе не работат. Обединетите нации наведуваат дека еден од малите исклучоци е болницата „Насер“, во Кан Јунис, во централниот дел на Газа, која работи на минимум и е опкружена од израелската армија.

„Ситуацијата околу „Насер“ само се влошува, пукање, борби во близина, тешкотии за луѓето да дојдат или да си одат од болница“, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер на брифинг во Женева.

Во болницата се засолнети илјадници прогонети лица, лекари и пациенти.

СЗО денеска соопшти дека пратка со храна наменета за болницата била нападната од гладната толпа луѓе, а поради доцнење во близина на израелски контролен пункт. Храната на крајот не стигнала до болницата.

Си-ен-ен објави дека луѓето во Газа јадат трева и пијат нечиста вода и се изложени на висок ризик од глад и смрт. Вчера не беше пуштена друга пратка со гориво на СЗО за болницата „Насер“, иако пристигна медицинската помош, рече Линдмајер.

„Одбивањата и одложувањата се дел од шемата што спречува хуманитарните резерви да стигнат до болницата и може да ја направат нефункционална“, додаде тој.

Опишувајќи ја болницата „Насер“ како „клучен симбол“, Линдмаер кажа дека некои операции во неа биле извршени на подови. СЗО претходно соопшти дека половина од медицинскиот персонал е побегнат и дека таму од 24 лекари сега се останати само двајца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот