„Свири ми брате Ферусе“: Познатите личности се простуваат од легендарниот Мустафов
По кратко боледување, легендарниот саксофонист Ферус Мустафов денеска нè напушти на 72-годишна возраст.
Препорачано
Музичарот, кој остави траен и значаен белег врз македонската и ромската музика, ќе остане запаметен по неговите маестрални изведби и веселите композиции, кои со децении ја развеселуваа неговата слушачка публика.
Со објави на социјалните медиуми, голем број познати личности се простија од својот драг колега.
„Затоа свири за мене, свири ми брате Ферусе. Лесна ти земја, мајсторе…“, напиша Игор Џамбазов.
„Збогум легендо. Сега со Есма ќе го делите небото… Почивај во мир Ферус Мустафов“, напиша Калиопи.
„Денес нè напушти Ферус, кралот на саксофонот. Еден од најголемите ‘мајстори’ на саксофонот, ако не и најголем. Почитуван и сакан од сите колеги, човек со голема смисла за хумор и огромно срце, кој живееше за музиката и беше музика. Преку своите звуци убедени сме дека не постои човек кого го нема станато од столче со рацете дигнати нагоре. Ќе ни недостигаат оние кратки патувања, шали и дружби. Вечна ти слава брате Ферусе. Почивај во мир и свири им горе, весели ги како ти само најубаво знаеш“, напишаа од дуото „ДНК“.
„Почивај во мир голем човеку. Се договоривме да ми отсвириш некој чочек на свадба, но не било пишано. Твоите дела ќе живеат вечно“, напиша Стефан Лазаров.

„Кога му ја врачив Бубамарата лани, јас реков: ‘Станете сите, доаѓа Кралот’. И целата сала беше на нозе. Оти еден е Кралот и само така се дочекува. А така заслужува и да го испратиме. Слава му!“, напиша Снеже Велков.

„Толку многу ја сакаше ‘Свири ми брате Цигане’. Толку многу убави моменти и заеднички снимања, настапи. Жалам, ужасно жалам бидејќи знам дека со твојот саксофон и кларинет можеше уште многу долго. За жал, не постојат правила за многу нешта во животот, така и правилото да си замине некој пред време.
Почивај во мир пријателу, прекрасен музичару. Знам дека, горе на небото, си заедно со нашето братче Миролсав, кој беше одличен музичар, Тоде Новачевски, прекрасен композитор, Драган Вучиќ, менаџер и музичар, Милан Завков, прекрасен композитор, Зоран Џолев – еден и единствен на виолина. На сите Вас ви се поклонувам со огромна почит.
Почивај во мир, драг Ферусе“, напиша Росана Сариќ Тодоровска на Фејсбук.
„Ти беше еден од најдобрите и најпознатите музичари, што некогаш сум го имал до мене до самиот крај на твојот живот. Како мој учител, советник, како мој втор татко за совети, кој немаше никаква љyбомора на ниеден колега затоа што ти беше самиот крал на својот инструмент и занает. Благодарение на тебе сум денес тоа што сум го постигнал во музиката, со твоето најдобро пренесено искуство. Ќе бидеш секогаш запаметен во моето срце како најдобар човек што го имав до мене“, напиша Исеин Џамбо Агушев.
„Едно обично човече мислиш, а поголем од џин, ама и другар, соработник, колега, а легенда! Последниот КРАЛ – другар ми Ферус, јас си го викав Ферка!
Сакам во негова чест да споделам неколку од сликите кои ми ги даде кога пишував една биографија!
Почивај во мир Ферка и нека ти е светол патот“, напиша Цане Петров од групата „Биоритам“.
„Чичко Ферус, нека ти е светол патот. Твојата музика беше и ке остане за почит и инспирација за сите нас. Легенда која ќе живее во сите нас“, напиша Филип Нуневски – Нуне.


