Свежи и атрактивни македонски изданија од издавачката куќа „Арс Ламина“

Со цел да ги поддржи македонските писатели и развојот на нашата книжевна сцена, издавачката куќа „Арс Ламина“ постојано издава дела од различни жанрови напишани од домашни автори.

Дел од новите дела што периодов можат да се издвојат се: „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески, кои воедно се победници и на конкурсот за книжевната награда ПЕГАЗ, „Прстен и парфем“ од Мишо Китаноски, драмите „Јазол/Слана“ од Душко Трифуновски, „Инспирирај се за промени“ од Радмила Костова-Мила и збирката раскази „Недопрени бисери“ од Ленче Милошевска.

Издадени се и: „Бај Којо“, „Боксерот од Ново маало“ и „Туѓо тело“ од Владимир Плавевски, како и „Песја прељуба“, „И не биди млад мајмун“ и „Тишината на зборот“ од Велко Неделковски.

Мртвите знаат најдобро“ – Владо Јаневски

Владо Јаневски со „Мртвите знаат најдобро“ е еден од двајцата победници на конкурсот ПЕГАЗ, што веќе втора година по ред го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“. Овој роман, што потсетува на делата на популарниот современ писател Харуки Мураками, е луциден, игрив и забавен, но истовремено проникнува и во многу морални и етички прашања, што му дава особена вредност. Сценаристичкиот пристап на авторот и доминантната дијалошка форма се пресудни дејството да се доживее поблиско и понепосредно, што предизвикува вистинско читателско уживање.

– Приказната во романот потсетува на трилер филм, меѓу другото, затоа што изобилува со такви ситуации, најчесто потпомогнати со дијалози што на најбрз начин му помагаат на читателот да се нурне во она што следува или да го натера да размислува за она што би следувало, за да биде изненаден веднаш потоа од следната, најчесто сосема неочекувана сцена. Низ романот исто така провејува црн хумор, вткаен во повеќеслојна приказна, каде што јавето и сонот неретко се преплетуваат и се еднакво важни – вели авторот Јаневски.

Лазарка“ – Љупчо Петрески

Љупчо Петрески со „Лазарка“ исто така е еден од добитниците на наградата ПЕГАЗ, а неговата книга воедно беше дел и од селекцијата за Роман на годината. Лазарка е фиктивен лик создаден од поетесата Силвија Плат и истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“. Лазарка е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да востановат рамноправен поредок во нивните односи.

– Идејата за романот се роди пред десетина години кога почнав да го читам „Целосниот дневник на Силвија Плат“. Како што полека навлегував во нејзиниот свет, ја почувствував нејзината потреба од безусловна љубов ослободена од наметнатата позиција на жената која според хетеронормативното општество треба да биде покрај шпоретот и сопругот во домот. Како една од многуте жени која светот ја губи прерано, знаев дека треба да создадам прозен текст во кој ќе се реконструира митот за Лазарката. Но, се разбира Силвија Плат не е единствената инспирација – тука можам да набројам еден куп авторки и уметници кои искусниот читател ќе ги препознае кога го чита романот – вели Петрески.

Прстен и парфем“ – Мишо Китаноски

„Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен?“ е само едно од големите прашања на кои авторот Мишо Китаноски дава свој, до некаде фиктивен одговор, во збирката раскази „Прстен и парфем“. Меѓу другите теми на кои авторот Китаноски дава свој одговор се и „Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа?“ и „Зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан?“; „Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села?“; „Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун?“; „Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие?“ и други.

Китаноски бил новинар и главен и одговорен уредник на повеќе весници и списанија. Ги објавил книгите „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни) и „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија: „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници.

Јазол/Слана“ – Душко Трифуновски

Во оваа книга по првпат на едно место можете да ги пронајдете двете драми на Душко Трифуновски – „Слана“ и „Јазол“ – инаку веќе автор на романот „За два дена рече ’Да‘“. Станува збор за две драми што прават совршена целина и треба да се читаат како два дела на една иста приказна.

Во „Слана“ (веќе еднаш објавена во 2015 година) се запознаваме со брачните партнери Злате и Стојна и нивните деца, Виктор, Маја, Кристина и Марија. На речиси натуралистички начин, Трифуновски ни го покажува нивното тешко и траорно постоење, во економска и општествена стварноста на (никогаш споменатата, но очигледно присутната) современа Македонија. Како што ги снемува парите, така со нив исчезнуваат и вредностите на стариот систем во кој владее зборот на таткото, а младите се желни за своето место под сонцето.

Во „Јазол“, пак, натуралистичкото перо на Трифуновски е надополнето со елементи на фантастика и примеси на надреалното. По тешките случувања во „Слана“, духовите на мртвите доаѓаат да ги мачат и да ги опседнуваат живите, кои сè уште се борат за егзистенција во тешкиот и суров современ свет. Покрај развојот (или падот) на семејството на Злате, во овие две драми можеме да го видиме и развојот во стилот на младиот автор, кој бестрашно се впушта во нови писателски искушенија.

Инспирирај се за промени“ – Радмила Костова-Мила и Иван Лапчевиќ

„Инспирирај се за промени“ е дело што го отвора патот и помага полесно да се издржат и да се совладаат ходниците од една врата до друга.

– Ова е книга што ти помага да ja видиш светлината, иако можеби во моментов гледаш темнина. Но, најважно од сè е книга што ти помага да бидеш ТИ, без разлика со каков предизвик се соочуваш во моментов. Книгата е наменета за сите што се заглавени во некој тунел, но и за оние што се надвор од тунелот, едноставно за сите што сакаат подобро утре – вели Костова.

Воедно, таа го надополни концептот за корицата на изданието.

– Велат дека нашите очи гледаат сè, освен нас самите, затоа и погледот во огледало е нешто што го носи корицата на книгата како порака, дека сите ние треба да погледнеме прво во себе, да се видиме себеси, да видиме што е тоа што го носиме во себе, што е најдоброто во нас, која е нашата мисија и тоа несебично да го делиме, за еден поубав свет, за едно подобро утре – додава таа.

Недопрени бисери“ – Ленче Милошевска

Писателката Ленче Милошевска е поет, романсиер и преведувач кој целиот свој работен век го има минато активно работејќи на развојот на домашната книжевна сцена и неодамна го објави своето ново дело, збирката раскази „Недопрени бисери“. Таа е автор на четири романи, една збирка раскази и пет стихозбирки, од 1999 година е член е на Друштвото на писатели на Македонија, а работела и како уредник во издавачките куќи „Култура“ и „Македонска книга“. Насловот на нејзиното ново дело „Недопрени бисери“ е произлезено од истоимениот расказ во кој повоеното време е согледано низ очите на девојче кое за свој идеал ја има мајката, горда и убава жена која била партизанка.

– Раскажувањето во прво лице на овие две личности, на ќерката, а потоа и на мајката, ги врзуваат повеќето раскази и приказни во оваа книга. Во првиот од трите циклуси раскази во книгата припаѓаат и неколку раскази што не се директно врзани за овие два лика, како што е расказот „Пештер“. Додека, последниот циклус приказни под наслов „Дневникот на мајка ми“ претставува ретко женско писмо или недопрени бисери, бидејќи настаните се раскажани живо и возбудливо од самата хероина, партизанката Милка. Верувам дека ќе ги заинтересира денешните генерации кои сакаат да знаат повеќе за нашата антифашистичка борба за време на Втората светска војна, особено кога се работи за еден храбар женски лик прикажан низ вистински борби и настани. Другите раскази и кратки приказни се однесуваат на малите и секојдневни нешта што емотивно ги доживуваат малите луѓе, како во расказот „Среќната Магда“ во кој истоимениот лик, Магда, копнеела во младоста да се омажи за офицер, но тој ненадејно заминал во друга република, за да се сретнат пак на старост, по негова желба. Низ нивните судбините, а и низ некои автобиографски моменти на авторката се отсликува нашето блиско минато главно во Скопје и Битола – вели Милошевска за своето ново дело.

Бај Којо“, „Боксерот од Ново маало“ и „Туѓо тело“ – Владимир Плавевски

„Бај Којо“ е нов роман од Владимир Плавевски, што, како во филмски блокбастер, дејството почнува во сегашноста и се враќа во минатото кога двајца воени другари разделени среде виорот на војната се сретнуваат по многу премрежиња во нов свет… По пат на реминисценции, Бај Којо ги раскажува доживувањата од неговото пристапување во партизани, во родното Црнешево до преселбата во Скопје.

 

Плавевски со книгата „Боксерот од Ново маало“ влезе и во потесната селекција за наградата Роман на годината. Животот и духот на Ново маало во старото Скопје и уникатната приказна за вистинскиот лик со измислено име, Ангел Тотевски или Шуре Катиљ, кој од уличен тепач станува успешен боксер во клубот „Вардар“ и маалска легенда. Ова се двете главни точки во романот „Боксерот од Ново маало“.

Додека краткото дело „Туѓо тело“ е дел од едицијата „Во еден здив“ на издавачката куќа „Арс Ламина“. Виктор е млад и перспективен маж, образуван на престижниот универзитет МИТ во САД, вљубеник во планините и алпинизмот. Има намера да го освои Монт Еверест, но пред неговата желба се испречува еден чуден проблем. Силни главоболки и вртоглавици од необјаснива природа. Лекарските наоди исклучуваат какво било присуство на болест, а сепак Виктор е спречен да функционира нормално. По многубројни прегледи, лекарите откриваат чудно тело во најнедостапниот дел во неговата глава. Туѓо тело од неуништлив материјал. И во тој момент нештата се комплицираат.

Песја прељуба“, „И не биди млад мајмун“ и „Тишината на зборот“ – Велко Неделковски

„Песја прељуба“ е новата книга од авторот Велко Неделковски што исто така е дел од едицијата „Во еден здив“. Народната мудрост вели дека песот е најдобриот пријател на човекот, дека неговата верност не познава граници. Но, дали нашата верност е еднакво голема? Дали човекот може да се пофали дека е најдобриот пријател на песот? Во денешно време, кога луѓето се кријат зад маски за да се измамат полесно и да си наштетат едни со други, што може да направи еден пес, за да се заштити од оваа заразна дволичност и опасно лицемерство?

Краткиот криминалистички роман „И не биди млад мајмун“ исто така е дел од едицијата „Во еден здив“. Главен лик е Симон (Шими) Апостолов, чијшто живот е пред распаѓање. Бракот со неговата Агна е речиси готов, нема работа и е вплеткан во разни криминални активности. Сепак, како да му овозможува шанса за подобро утре кога Богдан Еврич ќе му понуди работа во неговото кафуле и сопругата ќе му соопшти една убава вест. Но, за време на неговата смена, во кафулето се водат сомнителни разговори помеѓу една жена и тројца мажи, а еден од нив не припаѓа на тоа друштво – еден од нив е на страната на законот. „И не биди млад мајмун“ е напишан како сценарио за криминалистички филм со многу напнатост и постојана акција.

„Тишината на зборот“ е првата поетска збирка за возрасни на писателот Велко Неделковски, но впечатокот по нејзиното исчитување воопшто не коинцидира со вообичаениот впечаток кога се соочуваме со дебитантски ракопис. Напротив, во неа е собрано севкупното творечко и животно искуство на авторот и буди чувство на познат, некогаш претходно посетен книжевен предел, каде што секој збор има право на своја тишина и на починка.

Сите дела можат да се најдат во книжарниците на „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.


Комерцијален ПР текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот