Сунак води, Трас напредува во битката за наследник на Џонсон

Кандидати за наследник на Борис Џонсон во Конзервативната партија на Британија/ Фото EPA-EFE/JONATHAN HORDLE / ITV

Јавната обвинителка Брејверман, која се претставуваше како „единствената автентична кандидатка посветена на брегзитот“, оцени дека Трас е „најдобрата меѓу кандидатите за да ги исполни ветувањата од брегзитот“ и изрази надеж дека „ќе ги задржи цврстите ставови за нелагалната миграција, слободата на говор и за намалување на даноците“

Шефицата на дипломатијата Лиз Трас е на пат да ја стигне почетната предност на поранешниот министер за финансии Риши Сунак во долгата трка меѓу британските конзервативци за нов лидер на партијата и нов премиер, на местото на Борис Џонсон.

Трас ја доби поддршката од Суела Брејверман, која во четвртокот беше елиминирана од натпреварот на кандидатите за иден премиер. На гласањето во четвртокот најмногу гласови повторно освои Сунак, пред Пени Мордонт и Трас, но тоа не значи дека шефицата на дипломатијата не ги оправдува прогнозите дека е фаворит да биде избрана за премиерка.

Јавната обвинителка Брејверман, која се претставуваше како „единствената автентична кандидатка посветена на брегзитот“, оцени дека Трас е „најдобрата меѓу кандидатите за да ги исполни ветувањата од брегзитот“ и изрази надеж дека „ќе ги задржи цврстите ставови за нелагалната миграција, слободата на говор и за намалување на даноците“.

На рундата одржана во четвртокот Сунак освои 101 глас, министерката за трговија Мордонт освои 83, а Трас 64 гласа. До следниот круг гласање се врши голем притисок за да се изретчи уште повеќе бројот на кандидатите. Поранешниот министер за брегзит, лордот Фрост, побара од Кеми Бејднак, четвртопласирана на гласањето во четвртокот со 49 гласа, веднаш да се повлече и своите гласови да ѝ ги „префрли“ на Трас.

– Бејднак треба да се повлече од трката и за возврат да добие сериозна функција во идната администрација на Трас. Потребно ни е единство. Кеми и Суела Брејверман претставија впечатливи програми. Но, длабокото искуство на Лиз, нејзината енергија и идеите, како и едонставниот факт дека добива најмногу гласови од трите, ја ставаат во преден план – порача лордот Фрост.

Сличен притисок трпи и петопласираниот кандидат Том Тугендхат, кој освои 32 гласа. По неговото евентуално повлекување би останала само уште една рунда гласање во кои би се издвоиле главните кандидати што ќе бидат претставени пред пошироко гласачко тело на конзервативците, не само пред пратениците.

Бејднак и Тугендхат, сепак, не се откажуваат. Кабинетот на поранешната министерка за еднаквост соопшти дека Бејднак „нема намера да се повлече, туку да победи во трката“.

– Сега е време за промени и јас очекувам тоа да го претставам на телевизиските дебати – напиша Бејднак на Твитер.

За денеска е закажана нова рунда гласање, по која повторно ќе биде елиминиран кандидатот што ќе освои најмалку гласови. На оваа рунда влијаеја впечатоците што кандидатите ги оставија на двете дебати директно пренесувани на телевизија, а утре, пак, четворицата преостанати кандидати повторно ќе имаат дебата на телевизијата „Скај“.

Тугандхат објави дека нема да се повлече за да добие можност пред широк телевизиски аудиториум да ги претстави своите визии за „Британија што се движи напред“.

Согласно забрзаниот систем, четвртата рунда е закажана за утре, петтата за в среда, а по рундата в четврток ќе биде објавено кои се конечните двајца кандидати. Победникот од нивниот дуел официјално ќе биде објавен на 5 септември, кога Џонсон дефинитивно ќе замине од главните функции во владата и во партијата.

Трката за наследник на Борис Џонсон многумина ја оценуваат како натпревар на Сунак со сите други. Но, резултатите од првите рунди не може да биде показател за исходот на завршниот дуел, зашто се менува гласачкото тело. Успехот на Сунак во првите две рунди од гласањето се оценува како очекуван, зашто токму неговата одлука да се повлече од функцијата министер за финансии го објави крајот на владеењето на Борис Џонсон и во партијата и во владата. Меѓу ториевците сѐ уште има многу приврзаници на Џонсон, за што сведочи фактот дека пред само неколку недели му беше изгласана доверба да ја води владата. Блокот на Џонсон го обвинува Сунак дека го организирал падот на Џонсон само за да го наследи на функцијата и го критикуваа за зголемувањата на даноците што ги спроведе во министерскиот мандат.

Трас, пак, се наметнува како кандидатка што привлекува поддршка од поширок круг во Конзервативната партија. Намалувањето на даноците се главниот адут на Трас меѓу конзервативците, особено откако Сунак како министер за финансии веќе ги зголеми.

– Сега е времето пратениците да се обединат зад кандидатката што ќе ги намали даноците, која ќе ги испорача реалните економски промени што ни се потребни, која ќе продолжи да ги испорачува придобивките од брегзитот и која ќе обезбеди Путин да изгуби во Украина – изјави портпарол на Трас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот