Судски совет: На високите судови им недостигаат дури 49 судии

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Судскиот совет денеска избра шестмина нови судии на вториот оглас, по тројца за во Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје, кои заедно со избраните судии пред два месеца од првиот оглас бројат вкупно 30 новоизбрани судии за повеќе судови низа државата од редот на завршените академци од Академијата за судии и јавни обвинители, но оваа бројка не е доволна за оптимално и ефикасно работење на судовите. На седницата на Судскиот совет членовите ја разгледуваа анализата за потребни судиски места во Врховениот суд, Вишиот управен суд и за апелациските судови Скопје, Битола, Гостивар и Штип од која произлезе дека во сите високи судови недостигаат судии, некаде повеќе, а некаде помалку и е потребно да се пополнат предвидените места за да се обезбеди нивното редовно, ефикасно и ажурно работење.

Претседателката на комисијата што ја изработе анализата Весна Дамева потенцираше дека според параметрите што ги разгледувале е утврдено дека во некои високи судови се потребни повеќе судии од она што е претходно заклучено со систематизацијата што ја направил Судскиот совет и дека пред Советот е тешка задача да ги пополни предвидените судиски места, затоа што, истовремено недостигаат и судии во основните судови низ Македонија, од кои повеќето се со проширени надлежности. Пресметано збирно, во овие шест високи суда недостигаат вкупно 49 судија.

Според анализата што ја презентираше Дамева во Врховниот суд според систематизацијата и според мислењето на самиот Врховен суд се потребни 28 судии, а моментно има 16, од кои еден е претседател на судот, а на еден му мирува мандатот.

– Работата на Врховниот суд е распоредена во четири оддели, па оптималниот број на судии за Врховниот суд е 26, односно, тоа би било по пет судии за секој оддел и дополнително уште пет судии, како и еден кој ќе биде член на Судскиот совет – рече Дамева.

Во Вишиот управен суд според систематизацијата се предвидени 13 судии, а работат осум судии, со тоа што претседателот е судија во Управниот суд, а не во Вишиот управен суд. Според анализата оптималниот број на судии во Вишиот управен суд е 12, односно по тројца за секој судски совет што функционира во рамките на овој суд.

За Апелација Скопје беше нагласено дека според систематизацијата се предвидени 52 судии, а моментно таму работат само 30 судии, од кои на двајца им мирува судиската функција затоа што се судии во Уставниот суд. Според анализата на Судскиот совет, пак, за оптимална работа на Апелација Скопје се потребни 66 судии, по 13 судии за секој предвиден оддел – кривичниот, граѓанскиот, трговскиот, одделот за работни спорови и одделот за судска практика.

– Овој суд е единствениот што одлучува во жалбени постапки во предмети од организиран криминал и корупција и покрива апелациско подрачје со судови со голем обем на работа. Не може да се крати бројот на судии, а колку брзо ќе се пополни е друго прашање – потенцира Дамева.

За Апелацискиот суд Гостивар таа рече дека по систематиозација се предвиени 16 судиски места, а пополнети се 14 места, од кои еден судија е претседател на судот, а еден е член на Судскиот совет. Во овој суд работат три специјализирани оддели, па според анализата потребни се вкупно 15 судии, по петмина за секој оддел.

Во Апелација Битола по систематизацијата се предвидени 25 судиски места, а работат само 13, од кои еден е претседател на судот, а на друг му мирува функцијата во Апелација, оти е претседател на Основниот суд Охрид. Според анализата во битолска апелација, каде работата е распоредена во три оддели, кривиен, граѓански и за судска практика, се потребни 20 судии.

Во Апелација Штип систематизацијата предвидела 16 места, ама работат само осум судии. Работата е распоредена во два оддела, граѓански и кривичен и според анализата, за оптимална работа на овој суд се потребни 12 судии.

Дамева нагласи и дека во оваа анализа не се земени в предвид бројот на судии кои наскоро ќе ги исполнат условите за пензионирање.

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски рече дека во сите судови има помала бројка на суди од потребното, што влијае за работата.

– Се водат долги постапки, имаме судења во неразумен рок, судовите се неефикасни и нежурни во работењето, но треба да се потенцира и дека не е само бројката на судии тоа што гарантира оптимален резултат, затоа што многу постапки зависат и од други чинители. Ние како Судски совет треба да најдеме начин како да ги пополниме упразнетите места, па потоа да се анализира каков резултата ќе имаат судовите. Но, треба да се внимава и на основните судови, ако ги пополниме високите судови со повозрасни и поискусни кадри, постои опасност во основните судови да останат само младите судии – рече Николовски.

На вчерашната седница Судскиот совет ги избра Лиљана Миланова, Влатко Сековски и Надица Митреска за судии во Основниот кривичен суд, а Ирена Митреска, Влатко Сековски и Сања Томиќ Велковски за судии во Основниот граѓански суд Скопје. Сите новоизбрани судии се завршени академци од Академијата за судии и обвинители кои не беа избрани во првиот оглас и за нив беше распишан втор оглас и со нивниот избор сите завршени академци од последната генерација академци се избрани за судии. На вториот оглас освен за скопските судови се бараа судии и за основните судови во Берово, Делчево, Кичево, Крушево, Куманово и Свети Николе, ама за овие места не се пријавил ниту еден кандидат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот