Контрола на летање на Скопскиот аеродром / Фото: Телма

Судски е забранет штрајкот на контролорите на летање

Основниот граѓански суд Скопје денеска донесе решение со кое го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување привремена мерка забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ – подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје. Судското решение е ден пред рочиштето што беше закажано за утре во 08:30 часот, на кое Синдикатот требаше да ги изнесе своите аргументи.

Во соопштение до медиумите, раководството на М-НАВ потенцира дека со оваа одлука „Судот утврдил дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби, бидејќи не била спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работниот однос“.

– М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување безбедност и за непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Македонија – се вели во соопштението.

Според најавата за штрајк на контролорите, не требаше да има полетувања и слетувања на Скопскиот и на Охридскиот аеродром од 10:00 до 15:00 часот на 20 октомври. Предвидуваа да се работи само со еден сектор, со максимален број од 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 отсто од постојната побарувачка и да се повторува тоа секој следен понеделник, во исто време.

Контролорите бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ, одобрување од Министерството за финансии за објавување огласи за нови вработувања, пред сè за контролори на летање и за инженери, и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.

– Наместо да ги изнесеме нашите контрадокази, Судот ден пред рочиштето ја носи времената мерка и го откажува рочиштето – кратко изјави за „Вечер“ Александар Тасевски од Струковиот синдикат на контролори на летање, најавувајќи за утре прес-конференција на која јавно ќе ги изнесат своите докази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот