Судовите во земјава не ги исполнуваат условите за транспарентност – Слободен печат
ВестиМакедонија

Судовите во земјава не ги исполнуваат условите за транспарентност

Судовите сé уште не ги објавуваат платите на судиите и информациите за вработените во судовите.

Три години по ред судовите во Македонија покажуваат слаби резултати во областа на отвореноста на институциите, односно тие се затворени, исто како и судовите на државите од регионот, покажува истражувањето на проектот „ACTION SEE“ коешто го измерило нивото на отвореност на институциите за 2018 година, пренесе „meta.mk“.

„Нивото на отвореност на судовите во Северна Македонија за 2018 година е само 43 отсто. Иако се очекуваше дека електронскиот судски портал на РСМ во 2017 година ќе допринесе во зголемувањето на транспарентноста на судовите, истражувањето покажува големи разлики помеѓу судовите“, се вели во оценката на истражувачите на „ACTION SEE“.

Во однос на начелата на транспарентност, достапност, интегритет и ефикасност, според кои било спроведено истражувањето, исполнувањето на индикаторите за интегритет на судовите е на пониско ниво, односно судовите исполнуваат само 35 отсто од индикаторите, затоа што во нивните веб – страници не ги објавуваат етичките кодекси. Само три судови од примерокот за истражување целосно одговориле позитивно на прашањето дали спровеле обуки за стандарди за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Судовите сé уште не ги објавуваат платите на судиите и информациите за вработените во судовите.

Истражувањето покажа голем недостаток на ажурирање кај одреден дел од судовите во текот на објавување на пресудите.

„Судовите не објавуваат упатства во однос на начинот како медиумите и јавноста можат да комуницираат со судските власти. Пристапот до информациите кои се на веб – страниците на судовите е оценет со само 26 отсто, бидејќи судовите објавуваат посебни линкови и контакт со одговорните за остварување на правото за слободен пристап до информациите, но не ги објавуваат информациите за тоа што одговориле“, се вели во истражувањето.

Според нив, македонските судови исполнуваат само 41 отсто од стандардите за ефикасност и истите треба да се подобрат пред сé во поглед на навремено објавување на извештаите за работата на судовите на веб – страниците. Исто така, иако во Македонија постои автоматски систем за распределба на предметите, сепак имплементирањето на истиот треба постојано да се контролира за да се отстранат злоупотребите на системот, коишто беа констатирани во посебниот извештај во 2017 година.

„ACTION SEE“, трета година по ред препорачува итно да се дејствува во насока на подобрување на отвореноста на судските институции, а по достигнување на основното ниво на отвореност, според нив, потребно е да се зголемат барањата за усогласување со стандардите за отвореност. Судовите во Македонија, слични резултати имале и во текот на 2016 и 2017 година.

Инаку, реформите во судството, се главниот услов на Европската Унија за започнување на преговорите со нашата земја. Судството во земјава било и продолжува да остане на нишан на критиките како од внатрешниот така и од меѓународните чинители за не – спроведување на реформите, односно местење на предмети, пристрасност, политички влијанија, двојни аршини, неефикасност и нетранспарентност. Граѓаните се разочарани како резултат на тоа што сите функционери на поранешната власт кои беа осомничени за тешки кривични криминални дела, се слободни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close