Судењето на Рамковски нема да се повтори

Фото: Принтскрин

Апелацискиот суд во Скопје го одбил барањето Велија Рамковски, поранешен сопственик на ТВ „А1“, за повторување на процесот, во кој тој и негови блиски роднини и соработници беа осудени на затворски казни. За предметот во јавноста познат како „Пајажина“, Рамковски и неговиот бранител имаа поднесено барање до судот што го базираа на „бомбите“ на опозицијата, а се однесуваа на згаснувањето на телевизијата и уапсените лица.

Рамковски и неговиот бранител сметаа дека материјалите од „бомбите“ се доволен доказ да ја убедат „скопска Апелација“ да дозволи повторување на случајот, но не успеаја.

Во „бомбите“ на СДСМ, според судиите од повисоката инстанција, немало нови факти на кои можат да се повикаат за да дозволат повторување на случајот.

Според судот, на Рамковски му биле испочитувани сите права. Тој добил правично судење во разумен рок, а Европскиот суд за човекови права утврдил дека на Рамковски му се повредени правата само во однос на траењето на мерката притвор, но не му биле повредени неговите права во текот на кривичната постапка.

Претходно, на новинарското прашање кои се главните аргументи изложени во барањето за повторување на судењето, Рамковски рече:

– Неизведени материјални докази на судењето, оригинални книговодствени документи, запленети и најдени во судот. Нашиот адвокат со дозвола влезе во подрумите на судот, најде оригинални документи и тоа, покрај „бомбите“, е основата на нашето барање за повторување на процесот. Тој процес немаше документи – рече Рамковски при поднесувањето на барањето за повторување на случајот.

Како што е познато, Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека државата треба на сопственикот на Телевизијата „А1“ Велија Рамковски и на неговата ќерка Емел да им исплати по 780 евра поради неаргументирано продолжување на притворот што им бил одреден во случајот „Пајажина“. ЕСЧП утврди дека има повреда на член од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на слобода и безбедност, односно дека македонскиот суд донел одлука за продолжување на притворот без доволно аргументи по ниту една законска основа.

Сопственикот на ТВ „А1“ Велија Рамковски беше во притвор една година и два месеца. Во судскиот процес „Пајажина“ беа обвинети 23 управители и основачи на фирми за затајување данок, перење пари и злосторничко здружување. Вкупно 109 години зад решетки добија 19-темина осудени на затворски казни. Велија Рамковски – 13, по шест брат му Амди и ќерката Емел, синот Хеди, кој сè уште е во бегство, а директорот Дарко Перушевски беше осуден на пет и пол години. Еден осомничен доби условна казна, а тројца беа ослободени.

Поради здравствени проблеми, на крајот на 2017 година Рамковски беше пуштен на лекување. Семејството Рамковски никогаш не отстапи од тврдењето дека „Пајажина“ е политички монтиран случај за да се замолчи медиумот што беше гласен критичар на Владата на тогашниот премиер Никола Груевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот