Суд изрече мерки против директор на скопско училиште, обвинет за малтретирање вработена

Граѓанскиот суд во Скопје утврди дека директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“ од скопската населба Ново Лисиче, бил насилен кон вработена во училиштето и изрече мерки, соопшти невладината Коалиција Маргини.

„Скандалозното однесување во основното училиште Лазо Ангеловски (Ново Лисиче, Аеродром) за кое алармираа повеќе вработени жени кои биле малтретирани и сексуално вознемирувани од директорот на училиштето привремено е решено по жалба пред суд, со повеќе изречени мерки за забрана“, велат од Коалиција Маргини.

Во скандалот, повеќе жени, вработени во училиштето, но и мајки на ученици пријавуваа и предупредуваа на недолично однесување на директорот, а имаше и сведочења за сексуално вознемирување.

Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 објавија извештај во кој побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ООУ Лазо Ангеловски, во интерес на децата, учениците и вработените во најголемото основно училиште во државата. И покрај сите укажувања, директорот сѐ уште е на својата позиција во училиштето, а вработената во текот на оваа година добила отказ, велат од организацијата.

Вработената, по сите обиди да ги заштити нејзините права, во февруари до Основен граѓански суд Скопје, поднесува Предлог за изрекување на времени мерки за заштита од родово базирано насилство – домашно насилство, поддржано и од страна на ЈУМЦСР на Град Скопје со предлог за изрекување на времени мерки за заштита, против директорот Перо Арсеновски од Скопје.

„По спроведување на судска постапка од страна на судот констатирано е постоење на насилство од страна на Перо Арсеновски со што изрешени се времени мерки за заштита од семејно – домашно насилство, како спрема вработената, така и спрема членовите на нејзиното семејство и двете малолетни деца кои впрочем се ученици во истото училиште.

Изречени мерки се следниве:

Му се забранува на Перо Арсеновски да се заканува дека ќе стори семејно насилство;
Му се забранува на Перо Арсеновски да ја малтретира, вознемирува и да врши семејно насилство врз неа;
Му се забранува да ја вознемирува и телефонира;
Му се забранува да ги вознемирува членовите на нејзинот семејство, и двете малолетни деца.
Времените мерки се изречени за период од 6 месеци, почнувајќи од 02.09.2021 година, а жалбата не го одлага извршувањето на ова решение“, соопштија од коалицијата Маргини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот