Струмичанката Клаудија Сакаова за семејната ковид голгота: Маж ми се довезе во болница со сопствено возило, а излезе во лимен сандак

Клаудија Сакаова со сопругот/ Фото: Приватна Архива

Семејствата на починатите од ковид не можат да пронајдат мир и една година по смртта на нивните блиски. Во здравствените лавиринти има купишта барања за стручни надзори на извршени лекувања, поднесени и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат и до Лекарската комора. Сите бараат некакво образложение, да им биде објаснето како нивните блиски за неколку денови заминале од овој свет, зашто смртта настапила неочекувано, без најава, со постојана промена на здравствената состојба од час во час.

Не секогаш семејствата бараат виновник, ниту пак обвинуваат за лекарска грешка – понекогаш само сакаат да знаат што се случувало во последните денови на нивните најблиски на овој свет и како дошло до влошување на здравствената состојба.

Клаудија Сакаова од Струмица лани во ноември го загуби сопругот како последица од коронавирусот. Но, за неа неодговорени остануваат многу прашања. Како човек кој во приватна болница отишол да се лекува превентивно за да може што побрзо да се врати на работа, починал? Ситуацијата од ден во ден била драматична, но за Клаудија, едно е сигурно – параметрите на нејзиниот сопруг во болницата се влошиле и утрото во пет часот од клиниката и се јавиле да и изразат сочувство. Болеста непредвидливо го зазела својот тек и од надеж за подобрување, која постоела од час во час – сепак на крајот настапил трагичен исход. Од почетокот до крајот поминале само денови, а секоја иднина после кобниот ден за Сакаова е битка за одговори.

Мојата голгота почна кога сопругот на 23 октомври лани доби температура и треска. Остана дома на боледување, направи крвна слика, рентген, испита Д- димери и се беше во ред. Остана само да се направи ПЦР тест. На 30 октомври тестот беше позитивен. Превентивно, за да не се влоши состојбата зашто имаше 46 години, отиде во Жан Митрев Клиник. Сатурацијата не му падна под 93, а некогаш му беше 98. Депозит плативме 12 илјади евра но парите не ме интересираат, само да останеше жив. Веднаш го ставиле на кислород два литри. На 30 октомври, на први ноември и втори ноември се слушавме и се беше во ред. По двапати на ден ми се јавуваа од болницата да ми кажат дека е стабилен добар и дека крвната слика и рентгенот му се добри, ја почнува својата приказна Сакаова.

На трети ноември таа и нејзиниот син се упатиле во истата клиника, зашто во Струмица немало термини за тестирање. По пат се слушнала телефонски со сопругот и се договориле да излезе на прозорецот за да се видат.

Завршивме со брисовите, по што сопругот ми кажа дека не може да излезе на прозорецот, зашто не може да стане – рече дека има треска и температура. Не бев ни до патарина стигната, ми се јавија од Филип Втори, за да ми кажат дека е добар, дека се со него е во ред. Ги прашав дали има температура. Ми одговорија негативно, дека нема температура и дека немал температура откако е хоспитализиран. Им реков дека сопругот самиот ми кажа дека има температура од 39 степени. Истиот ден ми се јавуваат вечерта да ми кажат дека ситуацијата му е влошена и дека е во кома. Во меѓувреме и јас излегов позитивна и морав да бидам во изолација, вели Сакаова.

Во изолација морала да ги прими неповолните вести за здравствената состојба на нејзиниот сопруг.

Наредниот ден во 12 часот ми кажаа дека е на респиратор. Вечерта велат дека е во кома. Така се до седми ноември. Денеска ако е на респиратор, после тоа е во кома или обратно. На петти ноември ми рекоа дека примил прва хемофилтрација и не е успешна. На седми ми ѕвонат од болницата и ми бараат уште 5 илјади евра за некоја нова метода која што може да ја подобри ситуацијата. Јас, многу нормално им кажав да прават се што треба парите не се проблем. Ама велат, веднаш треба парите да се префрлат. Ми се јави потоа некој од администрација да ми каже дека не треба 5 илјади евра туку само илјада евра, зашто првата хемофилтрација не била примена. Се шокирав, како не е примена првата хемофилтрација кога ми кажавте претходно дека не била успешна? Потоа објаснија дека не примил целосна хемофилтрација од 24 часа, туку само половична која траела 12 часа. Пуштив уште илјада евра. Доктор ми се јави утредента да ми каже дека има благо подобрување и се стабилизирала состојбата од таа метода. Веднаш потоа се слушнав со сопругот на телефон. Ништо не го разбрав, освен дека цел се тресеше. Тоа беше последен пат што се чув со него. Вечерта пак ми ѕвонеа да ми кажат дека е стабилна ситуацијата, дека е подобар од хемофилтрацијата. За во 3 часот ноќта да ми се јават дека веќе е на респиратор, дека е многу критичен дека цела екипа е над него и му откажува срцето. Во пет часот изутрината веќе ми изразија сочувство. Тука веќе бев во исклучителен шок. На нозе отиде, а ти се јавуваат дека е починат. Поминаа добри четири пет месеци и мене уште ме копка и ме јаде јанза. Ништо не ми е јасно, вели Сакаова.

Почнала да бара одговори од болницата.

Барав од Жан Митрев да ми даде одговор. Се договоривме да се сретнеме, но на половина пат како што бев тргната од Струмица, откажаа – не можел да се видиме. Сепак, се сретнав со докторка од болницата и таа рече – да, тоа беше единствениот пациент што влезе на нозе. Додаде дека најверојатно е починат од белите дробови но дека обдукција на ковид пациент не се прави и не може да се утврди тоа. Прашав како дојде до таа ситуација мојот сопруг да го снема? Резултатите му се многу влошени во болницата. Млад човек беше. Сакам цела медицинска историја, што примал и каква терапија. Уште пет месеци не ми пратија медицинска документација. Морав да бидам крајно безобразна со нив, за да можам да ја добијам медицинската историја. Многу прашалнници имам во главата а никакви одговори. Во медицинската историја има само резултати од крвната слика и рентгенот и де димерите. Објаснување, како настанало да почине – нема, вели Сакаова.

Таа е свесна дека ковид постои и дека е тешка болест. Но не може да се помири со тоа дека параметрите на пациентот пред да биде хоспитализиран биле далеку подобри од оние на болничко лекување. Всушност, во болница како што тврди, го упатила сопругот превентивно, а самиот возел од Струмица до Скопје со сопствено возило. Од хронични болести имал автоимуна болест – псоријаза. Матичната лекарка во Струмица не ја оценила неговата состојба како тешка, па на почетокот му препишала само витамини и антибиотик, затоа што на почетокот немал наод ниту на белите дробови ниту влошени параметри на крвната слика.

-И три дена внатре во болницата се слушавме, беше добар. Ставен е на интензивна нега и ми велеше „овде е луда куќа, на секој саат умираат“. Јас му велев да не гледа, дека не е хотел, сепак е болница. Ги прашав кога одлучивте да прими хемофилтрација? Дали нас не прашувате сепак има фамилија тој што е дојден. Не беше за хоспитализација, но ние одлучивме превентивно да се хоспитализира, за таа наша грешка се каам. Отиде превентивно, со сопствено возило, не со брза помош. Не беше хоспитализиран во Струмица. И на крај излезе од болница во лимен ковчег. За осум – девет дена го снема, првите три дена се слушавме а последните шест дена не. Како наеднаш падна во кома, не можам да разберам, неутешна е Сакаова.

Од „Жан Митрев Клиник“ за „Слободен печат“ велат дека информациите поврзани со состојбата или лекувањето на било кој пациент се доверливи, подлежат на одредбите од Законот за зашита на личните податоци и на одредбите на Законот за заштита на правата на пациентите и можат да бидат споделени исклучиво со членови од семејството.

„Во конекст на објективното информирање остануваме на располагање за сите детали кои се од јавен карактер“, велат од Клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот