Протест против рудникот Иловица. Фото: Здрава Котлина

Струмичани на протест против „рудникот на смртта“

Денеска со почеток во 11 часот граѓански еколошки иницијативи најавија одржување на протест против одлуката на владата да спои две концесии со што се отвора патот за отворање на рудник во Иловица. Блокадата ќе се одржи на раскрсницата во центарот на Струмица веднаш до градскиот пазар „Глобал“. Организаторите на протестот бараат рудник да нема, а протестната блокада доаѓа после алармантната вест дека владата ги споила концесиите.

Еколошкото здружение Здрава Котлина, Струмица и Еколошкото здружение Еко Долина – Ново Село, како организатори на протестот против рудникот Иловица-Штука  се обратија за поддршка за своите 4 барања до граѓанските организации, иницијативи и граѓани, кои се загрижени за јавниот интерес, здравјето и животната средина. За еден ден добиена е поддршка од 41 граѓанска организација и 7 професори.

Претходно десетина организации дадоа поддршка на протестот. Министерката за животна средина Каја Шукова вчера изјави дека лично е против отворањето на рудници бидејќи во струмичкиот регион треба да се поддржува земјоделието. На тоа остро реагираа „Еуромакс Рисорсис“ подвлекувајќи функционерите да не си дозволуваат да споделуваат лични ставови, а за Шукова изразија сомнеж дека поради нејзината лична определба против рудници во државата, таа можеби пристрасно ќе делува кога ќе дојде ред да се бараат дозволи од Министерството што таа го раководи.

Барањето на екологистите е итно и неодложно одземање на како што велат, криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука.

„Се обраќаме јавно до државните институции кои имаат директна или индиректна надлежност за случувањата околу проектот за рудник Иловица-Штука, за да укажеме на опасната закана за здравјето и животната средина во струмичкиот регион од отворањето на рудникот, за што е направено кршење на законите и злоупотреба на службената должност и функција. Им даваме недвосмислена поддршка на жителите во регионот и на граѓанските активисти кои со години се борат против отворање на овој опасен рудник над земјоделската оаза и го подигаме гласот против овие патолошки случувања во македонското општество“, велат оттаму.

Додаваат дека изминатите 4 години, по одземањето на концесијата, јавноста е сведок на серија пинг-понг пресуди по жалби на концесионерот помеѓу Управниот суд и Вишиот управен суд, кои содржат контроверзни толкувања на владината одлука за одземање на концесијата.

„Бараме итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии. Особено отежнувачка околност е залогот врз концесијата во финансиска кредитна трансакција со Ројал Голд, кој се јавува како трето лице. Целата оваа конструкција не е законска! Бараме разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот“ се додава во соопштението.

Екологистите бараат одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во овој, како што велат нелегален процес на спојување на концесиите.

„Сите што се огрешиле пред законот треба да бидат соодветно санкционирани, зашто е очигледно груба манипулација тврдењето дека спојувањето е принудно поради одлука на судот. Во пресудата е јасно наведено дека судот одбива да ги спои концесиите и дека тоа е дискрециона одлука на Владата, дали ќе ги спои или не. Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата. Постојат силни индиции за можна корупција и организиран економски криминал на повеќе нивоа, почнувајќи од влез во сопственичка структура, преку влијание во судот и извршната власт, до обезбедување документи и дозволи“, пишуваат еколошките здруженија.

Владата донесе одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица- Општина Босилово и Општина Ново Село.

Одлуката е веќе излезена во Службен весник, а потенцијалната концесија ќе трае до 2042 година. Со објавата повторно се отвори пат да се почне со експлоатација на бакар и злато од струмичката околина.

Организаторот ја отфрла идејата на СДСМ за референдум за прашањето дали да се отвора рудникот и го смета истото за обид да се обесхрабри јавноста од протести и изразување на револт против рудникот и загрозувањето на земјоделскиот крај.

Оттаму додаваат и дека Уставниот суд во 2018 пресудил дека локални референдуми не се уставни за рудници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот