Странските инвестиции се „стопиле“, за девет месеци годинава имаме четирипати помалку од лани
Странските директни инвестиции (СДИ) во земјава за првите девет месеци од 2025 година изнесуваат 209,4 милиони евра, што претставува четирикратно помала сума од онаа што во земјата влезе во истиот период лани, покажуваат најновите податоци на Народната банка, кои ги објави „СДК.мк“.
Препорачано
Според податоците, во третиот квартал од годинава дури сме имале и одлив на пари кон странство, од речиси 22 милиони евра. Според Народната банка, негативниот тренд во периодот јули-септември е резултат на големите одливи кај должничките инструменти (73,2 милиони евра) и повлекувањето пари по основ на реинвестирана добивка (три милиони евра), иако во истиот период имало прилив од 54,5 милиони евра кај сопственичкиот капитал.
Од почетокот на годината до септември, позитивниот биланс од 209,4 милиони евра се должи главно на компаниите кои решиле да ја реинвестираат добивката во земјава (272,6 милиони евра) и на вложувањата во сопственички капитал (208,2 милиони евра). Меѓутоа, вкупниот износ е значително намален поради големите нето-одливи кај должничките инструменти кои достигнаа 271,4 милиони евра, што укажува на тоа дека домашните фирми повеќе враќале заеми кон странство отколку што се задолжувале.
2024 година беше рекордна за приливот на странски инвестиции, кога во Македонија по оваа основа влегоа околу 1,25 милијарди евра.


