Стевановиќ: Внимаваме на состојбата со мајмунските сипаници, подготвени сме да се справи со заразна болест

Ги следиме препораките, внимаваме на состојбата, како во земјата, така и надвор. Апелираме до луѓето кои патуваат, да внимаваат, да се заштитат, да држат дистанца. Патувањето во ризичните подрачја не се препорачува и затоа треба да бидеме исклучително одговорни, апелира д-р Милена Стевановиќ, директорка на Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, во врска со мајмунските сипаници.

Во гостување на ТВ Сител, д-р Стевановиќ посочи дека не треба да се потценува нашиот здравствен систем и оти сите пациенти ќе бидат следени, евидентирани и третирани на Клиниката за инфективни болести.

– Немојте да ја намалувате вредноста на нашиот систем. Нашиот систем е далеку од идеален, но е подготвен и цврсто стоиме на нашите нозе и имаме капацитет да се справиме со заразна болест. Во моментот кога ќе излезат комерцијалните тестови за сипаниците, ќе ги имаме и ние, додаде таа.

Во однос на инкубацијата за мајмунските сипаници, Стевановиќ појасни дека таа трае 21 ден, што значи дека човек може да биде инфициран до 21 ден, а да нема никакви симптоми, како што се појава на висока температура, главоболка, отекување на лимфните жлезди.

Како и секоја друга вирусна инфекција, така и кај мајмунските сипаници, таа вели дека најпогодени би биле младите, повозрасните лица и лицата со хронични болести.

– Прекинатите ланци на вакцинација ќе доведат до појава на сериозни вирусни болести. Мојот апел е вакцинацијата да не престане и да не се дозволи пропуштање на вакцинацијата кај децата. Тоа е причина зошто ни се јавуваат поранешните вирусни болести, вели Стевановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот