Стариот Управен одбор на ФЗОМ, изгласа нова позитивна листа на лекови – стапува на сила 8 дена по објавата во Службен весник
Фондот за здравство денеска донесе одлука да ја прошири позитивната листа на лекови со 9 нови генерички лекови, во 20 дозажни форми, со што на пациентите ќе им се овозможи на товар на Фондот да добијат вкупно 59 бренд-имиња на овие лекови. Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски на Фејсбук извести дека се работи за лекови за крвни болести, болести на срце и крвни садови, против висок притисок и високи масти како и антидепресиви и лек за третирање деменција.
– За крвни болести лековите се Prasugrel и Ticagrelor, за болести на срце и крвни садови, против висок притисок и високи масти се Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate, за централниот нервен систем (антидепресиви и за третирање деменција) се Escitalopram, Mementine и Duloxetine. Проценетото влијание врз буџетот на Фондот на годишно ниво е околу 1 милион евра. Ова е прво дополнување на листата по 2014 година. Фондот е посветен на пристап кон подобри лекови и ги охрабрува сите чинители кон понатамошни дополнувања – напиша директорот Клековски.
Според извори на „Слободен печат“ од Управниот одбор, одлуката за проширувањето на позитивната листа ќе стапи на сила 8 дена откако ќе биде објавена во Службен весник. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека уште утре ќе ја потпише одлуката.
По предлог на Министерството за здравство, Управниот одбор на ФЗОМ го изгласа проширувањето на позитивната листа на лекови. Утре со задоволство ќе ја потпишам новата позитивна листа на лекови со 9 нови лекови, напиша Таравари на Фејсбук.
Тој досега тврдеше дека позитивната листа не се проширува бидејќи чека „нов состав на Управниот одбор на Фондот“, ама нашите информации се дека истиот состав на Управниот одбор денеска изгласал проширување. Проблемот досега бил во тоа што Комисијата што ги предлага лековите, предлагала само дел од дозажните форми да се најдат на позитивната листа, што не било прифатено и затоа настанало повеќемесечното одлагање. Денеска, крајно, сите се согласиле дека ако една фармацевтска компанија предложи свој лек да се најде на позитивната листа, тоа мора да важи за сите дозажни форми што се регистрирани во МАЛМЕД за истиот лек, било да се работи за 2, 4, 8 милиграми или некоја друга доза. Наши извори во Фондот тврдат дека Комисијата предлагала лекови со заштитени имиња, што било проблем, бидејќи генеричкото име е тоа што е прифатливо.
ФЗОМ на Управен одбор денеска решиле да укинат и еден куп казни за матичните лекари од 2023 година и од 2024 година и на дел од нив да им ги вратат парите наплатувани за казни. Овие казни се однесуваат на хронична терапија што ја препишувале матичните лекари на пациентите со хронични заболувања.
Конечно ФЗОМ донел одлука дека повеќе нема потреба да се препраќаат пациентите по препораки за петте лека кои излегоа во службен весник лани. За поздравување е одлуката на ФЗОМ. И сите скратени пари на матичните доктори за таа терапија ќе им бидат вратени од септември до декември! Ќе намалиме упати до специјалисти и малтретирање возрасни пациенти, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова.