Срѓан Керим го возел „поршето“ кое било во сопственост на друго лице, велат од МВР
Автомобилот марка „порше“ што го возел Срѓан Керим кога непрописно го паркирал во Дебар Маало, всушност не бил во негова сопственост, произлегува од најновото соопштение на Министерството за внатрешни работи во кое се наведува дека сопственик било лицето М.Т. (48) од Скопје. Сепак, Керим е тој што добил глоба за прекршокот бидејќи тој го возел автомобилот. Две лица од личното обезбедување на претседателката Гордана Силјановска Давкова биле тие што му посочиле на полицаецот на снимката дека наводно „поршето“ е службено, што не било вистина.
Препорачано
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на МВР извршени се проверки по објавена видео снимка на социјалната мрежа фејсбук на 04.04.2025, информираа од МВР. На видеото се гледа како група граѓани бараат од полициски службеник, кој постапува со специјално возило „пајак“, да го подигне возилото „порше каен“ со скопски регистарски ознаки, поради тоа што било паркирано на велосипедска патека, односно на коловоз.
Полициски службеници од ОВККИПС извршија проверки во ОБПС Скопје и утврдија дека од нивна страна е постапувано по прекршок за погрешно паркирање сторен од возач на патничко возило „порше каен“. По извршен увид во службената документација, констатирано е дека полицискиот службеник С.Н. од ОБПС Скопје, на 22.03.2025 постапувал по Наредба за вршење дејност бр. 3626 од 21.03.2025 година за непрописно паркирани возила. Од страна на граѓанинот С.Н., на телефонскиот број 192 било пријавено дека на ул. “Орце Николов”, во близина на ресторан, непрописно било паркирано возилото „порше каен“.
Полицискиот службеник С.Н., со специјално возило „пајак“ и двајца вработени од ЈП за јавни паркиралишта на Општина Центар, се упатиле на наведеното место, каде што било затекнато возилото и револтирана група граѓани кои барале возилото да биде подигнато. На местото на настанот, од угостителски објект излегле две лица кои се легитимирале како полициски службеници и изјавиле дека возилото е службено. Полицискиот службеник С.Н. им наредил веднаш да го отстранат возилото и да го паркираат на соодветно место, по што влегол во кабината на „пајак“ возилото со цел да провери дали возилото навистина е службено.
Откако утврдил дека возилото не е службено и дека сè уште не е отстрането, на вработените од ЈП Јавни паркиралишта им дал наредба да го подигнат возилото, по што истото било пренесено во депото. Таму, од страна на полицискиот службеник Х.Ѓ. е составен записник за сторен сообраќаен прекршок по чл. 63 став 6 од ЗБСП, како и прекршочен платен налог, во кој е наведено дека сторител на прекршокот е С.К. (76) од Скопје. Сопственик на возилото е М.Т. (48) од Скопје, пишува во соопштението на МВР.
Двете лица кои се претставиле како полициски службеници и тврделе дека возилото е службено, со патничко возило „форд мондео“ се упатиле кон депото. Полициските службеници од ОВККИПС извршиле проверки за возилото „форд мондео“ и констатирале дека истото го управувале полициските службеници Т.Д. и И.С., распоредени во Одделението за лично обезбедување на Претседателот на РМ.
Со овие полициски службеници е извршен службен разговор, при што е констатирано дека сториле потешко прекршување на работниот ред и дисциплина. Од страна на ОВККИПС до Одделот за дисциплински и судски постапки ќе биде поднесен предлог за утврдување на дисциплинска одговорност.


