Средба со писателот Јонас Лишер: Кризното време ќе донесе големи промени

Фотографија: Улрике Арнолд

Издавачката куќа „Артконект“ и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка во текот на септември организираа низа средби со писателот Јонас Лишер од Швајцарија.

Писателот Јонас Лишер (1976) е еден од најеминентните имиња на современата германскојазична книжевност. Неговата дебитантска книга „Пролет на варварите“ (2013) се смета за една од општествено најрелевантните текстови на современата европска книжевност и беше номинирана, како за Германската, така и за Швајцарската книжевна награда за роман на годината.

Преводот на неговото дело на македонски јазик го направи Катерина Шекутковска, а книгата ја објави издавачката куќа „Артконект“.

– Поканата за гостување во Македонија ја добив од издавачката куќа и од преведувачката на мојата книга и со задоволство ја прифатив. Отсекогаш сум сакал да патувам низ Балканот, а Македонија е земја што не ја познавав претходно и многу сакав да ја посетам. Балканот е интересен за мене, бидејќи го сметам за репрезентативен дел од Европа. Патувањата од овој вид се убави за мене, бидејќи не се чувствувам како турист, туку имам можност да стапам во контакт со други уметници, издавачи, преведувачи и да го почувствувам пулсот на читателската публика – објасни Лишер при нашата средба со него.

Средбата на читателите со Јонас Лишер во Скопје се одржа во КСП „Центар-Јадро“ / Фотографија: Горан Димов

Во „Пролет на варварите“, Лишер раскажува една фиктивна приказна за кризата во 2008 година, која е сместена на милионерска свадбена прослава во луксузен ресорт во Тунис, а преку тој настан го опишува светот во кој живееме.

– Современиот свет го гледам како свет на криза и како свет што нѐ вознемирува. Како политички битија сите сме вознемирени од моменталните состојби и имам чувство дека кризното време ќе донесе големи промени. Се разбира, од една страна, тоа се должи најмногу на војната во Украина, а од друга страна, загрижувачки се и климатските промени. Сето тоа нѐ става во состојба на неизвесност, бидејќи не знаеме во која насока ќе продолжат да се одвиваат.

Романот почнав да го пишувам во 2010 година и тогаш бев под силни впечатоци од финансиската криза што го зафати светот. Во периодот што следуваше влегувавме од една во друга криза, но мислам дека во 2008 година го допревме дното, бидејќи имаше силно влијание во финансискиот сектор. Сметам дека во банкарскиот сектор има фатални системски грешки што ќе се повторуваат и во иднина, што значи дека има потенцијал да не излеземе од кризата.

Целата состојба ме интересираше и од филозофски аспект, бидејќи се занимавав со перцепцијата на тие кризи и со перцепцијата на светот како математички свет, обидувајќи се да најдам други начини на толкување на светот, а не само низ призмата на математиката и на компјутерските модели. Пишувањето на романот за мене значеше да се занимавам со поимот на „квантитативното слепило“, кое се обидов да го опишам, не само во романот, туку и во други мои есеи. Во тие текстови место „битка на квантитетите“ понудив „битка на наративите“.

Од епистемолошка гледна точка, сакав да укажам дека политиката е силно врзана со економијата и светот во кој живееме го гледаме низ таква економска призма. Бидејќи сето тоа го гледам и од социјалдемократска перспектива, ме интересираа прашањата на еднаквата поделба на добрата и дефинирањето на една социјална држава – посочи Лишер.

Од 2013 година Лишер се занимава само со пишување, а покрај белетристика, пишува и есеи фокусирајќи се на теми околу популизмот, неолиберализмот, демократијата и миграцијата.

Гостувањето на Јонас Лишер во Македонија е реализирано како соработка помеѓу издавачката куќа „Артконект“, Здружението за германско-македонска соработка Скопје, Гете институт Скопје и швајцарската фондација „Прохелвеција“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 147, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот