Средба со Ника Гавровска: Сите молчиме кога нешто е просечно

Неодамна во кафе „Горки“ беше промовирана илустрираната сказна „Бамбино“ според приказна на Ника Гавровска и со илустрации на Никола Радуловиќ, а по овој повод разговараме со Гавровска, која ни објасни како се создала приказната во нејзините мисли и чувства.

Авторката Ника Гавровска прво ни откри дел од „Бамбино“, каде е запишано: „Старите раскажуваат дека во сува зима, кога има длабок снег, ако дувне топол ветер, може да те пресретне еднорогиот елен. Тоа е чудовишно животно, магично суштество, те допре ли со рогот – ќе те снема“.

– „Бамбино“ е приказна за детството и потекнува од детството. Од моето детство. Но, не некое фактографско детство што може да послужи како синопсис за приказната, туку едно друго – сензорно детство составено од мириси, вкусови, светлини, а пред сè, стравови. „Бамбино“ е и сказна за родителството, родителот и неговата неблагодарна улога полека да ја демистифицира магијата на детството, а истовремено континуирано да ја одржува магијата во животот.

Илустрираната сказна „Бамбино“ е приказна за детството и потекнува од детството

Гавровска е родена во Скопје. Основач и уредник е на „Гаврош“, независна издавачка куќа за деца и за возрасни. Автор е на поимникот за деца „Збор по збор“, како и на сликовницата „Бел“ илустрирана од Ристо Аврамовски. Во тој контекст, ја прашавме дали децата имаат современа литература во согласност со промените што ги носи времето.

– Не сум сигурна дека сосема го разбирам терминот современа литература во контекст на детската книжевност. Верувам во приказни што не се забораваат, што живеат со нас дури и откако ќе пораснеме. Сè повеќе мислам дека книгите што ги читаме како деца без да сакаме влијаат на идниот возрасен човек. Таква е моќта и на илустрацијата. Годините поминуваат, а ние без потешкотија можеме да се присетиме на илустрациите од некоја сликовница од нашето детство. Што се однесува до промените што ги носи времето… Гледаме филмови, „успешни“ наградувани филмови, што утре ќе ги заборавиме, слушаме музика на која тешко танцуваме… и молчиме, сите молчиме кога нешто е просечно, потпросечно. Си живееме со просечноста како тоа да е нешто нормално и „скроламе“ понатаму. Ако со ова издание барем малку успеавме да отскокнеме од кругот на просечноста, јас ќе бидам пресреќна – вели Гавровска.

Верувам во приказни што не се забораваат, што живеат со нас дури и откако ќе пораснеме

Како автор, во нејзиниот фокус се децата, но честопати забораваме дека во секој од нас се крие дете.

– Би рекла дека во фокус ми е некоја замислена „мала Ника“, па кога раскажувам некоја приказна се обидувам да не ја изневерам неа и често си го поставувам прашањето дали тоа девојче би сакало да ја прочита оваа приказна? Ако добијам потврден одговор, одиме во печат – се смее таа.

Интересно е и како доаѓа до соработката со илустраторот Радуловиќ.

– Со Никола се запознавме по втор пат на неговата фантастична изложба на Биеналето на млади уметници во МСУ во Скопје во 2018, и се договоривме да правиме книга и покрај тоа што тој, како тогаш, така и сега живее и работи во Софија. Долги преписки и разговори на телефон, разумни недоразбирања и неразумни разбирања околу темата на станување човек од дете што подразбира, како што тој сака да каже: еден непоправлив грев. Веројатно, „цртано“ ни било да се сретнеме – вели исклучително талентираната авторка.

Ника Гавровска и Никола Радуловиќ на промоцијата на „Бамбино“

За крај, ни кажа нешто повеќе и за концептот на „Гаврош“.

– „Гаврош“ е сè уште мала издавачка куќа и работи во свој ритам. Фокусот е на детската книжевност и заради моите академски истражувања во областа во моментов. Полека работиме и на други едиции, како новата едиција „Штици“ посветена на драмски текстови, и во тој контекст со нетрпение ja очекуваме промоцијата на „Трилогијата Линејн“ и на „Човекот перница“ на филмскиот и театарски режисер и сценарист Мартин Мекдона во превод на Јане Спасиќ и Горјан Милошевски.

– Истовремено, заедно со илустраторката Наташа Андонова, со која минатата година имавме прекрасна соработка околу изданието „Збор по збор“, деноноќно работиме на проектот „Патиштата на хероите“ во партнерство со Македонскиот народен театар од Македонија и пет други партнери од Италија, Србија, Босна, Грција и Словенија поддржан од „Креативна Европа“. Изданието за деца што ќе произлезе од оваа соработка, не само што ќе биде преведено на јазиците на партнерите, туку и ќе биде промовирано во овие земји преку низа активности: работилници, перформанси, изложби, дебати – заклучува Гавровска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 126, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 април – 2 мај 2022)

Видео на денот