Средба со Мартин Џорлев: Правењето музика ми е една од омилените работи

Мартин Џорлев / Фотографија: Димитар Апостолов

По трагичната загуба на нашиот музички виртуоз Зоран Џорлев како последица од коронавирусот, неговиот син Мартин болката ја преточи во музика.

Музичкиот албум „Умре ти, се родив јас“ е реализиран како дел од самостојниот проект на младиот музичар Мартин Џорлев, насловен „Стој, После!“. Албумот имаше слушачка промоција на 6 април во Планетариумот на Младинскиот културен центар, а на 14 април во „Макка бар“ материјали од албумот беа изведени и во живо.

„Културен печат“ беше присутен и на двата настани. По тој повод разговаравме со Мартин за музиката што ја создава со најновиот проект, но и колку таа е поинаква од креациите со другите состави со кои работи.

– Правењето музика ми е една од омилените работи. Не сакам етикети кога станува збор за творење, но би рекол дека сѐ што правам произлегува од мојата љубов кон рок, џез и босанова музиката, без да наведувам еден куп од нивните милион поджанрови, кои често не помагаат многу при обидот за доловување на тоа како звучи нечија музика – ни изјави Мартин.

Мартин потекнува од музичко семејство. На 1 јануари минатата година, на 53-годишна возраст, почина неговиот татко, легендарниот виолинист, музички виртуоз, вокален изведувач, професор и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Зоран Џорлев. Во тој контекст, Мартин ја објаснува и симболиката во насловот на неговиот најнов албум „Умре ти, се родив јас“.

– „Стој, После!“ е името под коешто експериментирам и се изразувам на лично ниво, наспроти колективната другарска работа со бендовите во коишто свирам („Луфтанза“, „Зулу 3.4“). Првиот целосен албум на овој проект е насловен „Умре ти, се родив јас“. Покрај тоа што значењето на насловот можеби изгледа очигледно (загубата на мојот татко), всушност дојде од момент на интроспекција за некоја метафизичка смрт. Поради сѐ што ми се случи во текот на овие неколку години се чувствувам како да извадив толку многу од мене до тој степен што станав друг човек. Не велам подобар или полош, само различен. Музиката остана само како остаток од тој процес – вели Мартин, и додава: „При создавањето на албумот секако ми влијаеа многу луѓе, од моето семејство и моите другари до познаници и странци. Брат ми, татко ми, дедо ми, Лука, Андреј, Иво, Раде, Виктор, Џоки, Вико, Лила и еден куп други луѓе. Си знаат, се надевам“.

Дел од материјалот објавен на албумот „Умре ти, се родив јас“ во живо беше изведен во „Макка бар“ / Фотографија: Димитар Апостолов

Инаку, во претходните свои проекти со составите „Луфтанза“ и „Зулу 3.4“, овој исклучително креативен млад музичар се изразува како композитор, пијанист, вокалист, гитарист, аудио микс на семплери, звучни ефекти, бас гитара, аранжмани, автор е и на текстови. За себе вели дека твори без притисок, од срце. Правењето музика го опушта и ја прави со огромна љубов не мислејќи на ништо друго. „За иднината на моето творење не сум сигурен. Ќе го правам тоа што ме прави среќен додека ме прави среќен, па потоа ќе правам нешто друго“, вели тој.

Додава и дека за „Стој, После!“ сѐ уште се формира бендот за свирење, бидејќи досега бил негов соло наврат, но со „Луфтанза“ и „Зулу 3.4“ свират редовно. „Би ни било драго ако се одлучите да посетите некоја свирка, и на нас и на другите бендови од македонската сцена“, заклучи Мартин, потенцирајќи:

– Да си ја почитуваме културата и да сфатиме дека она што е наше може да е добро. Запамтете ги имињава: „Cut Your Nipple“, „Хајка“, „Corrosion“, „Дивоградба“, „Vagina Corporation“, „Basement Cult“, „Rust Cohle“, „Алембик“, „Nyctophiliac“, „3ject“, Дина Јашари, „Off Ground Ensemble“, „Foolish Green“ и има уште милион други излезени и кои тукушто ќе излезат во етерот, кога ќе ги преслушате овие барајте нови самите.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 126, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 април – 2 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот