Средба Петровска – Галовеј: Продолжува интензивната соработка меѓу Скопје и Лондон

Средба Петровска - Галовеј/ Фото МИА

Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во одбраната и наша намера е таа да продолжи да се развива, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со амбасадорката на Велика Британија во земјава, Рејчел Галовеј.

– Заедно постигнавме многу, но ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за уште поголем број на заеднички активности, вежби, обуки, школувања и убедена сум дека тоа ќе го постигнеме зашто постои искрена волја за соработка и поддршка од двете страни, истакна Петровска.

Амбасадорката Галовеј рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржуваше Северна Македонија на патот кон НАТО, а по зачленувањето во Алијансата, соработката меѓу двете земји во повеќе области, а особено во областа на одбраната, се продлабочи. – Таа соработка во иднина нема да загуби од своето темпо, порача Галовеј.

Петровска и Галовеј разговараа и за ситуацијата во и околу Украина, при што го поздравија единството на сојузниците во НАТО во овој контекст, како и напорите за изнаоѓање на дипломатско решение на комплексната ситуација.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Северна Македонија и Обединетото Кралство соработуваат во областа на обуките и во таа насока е воспоставената Координативна ќелија составена од британски офицери со кои соработуваме во развојот на полигонот „Криволак” како корисен национален и НАТО капацитет. Британски војници ќе бидат дел и од вежбата „Swift Response 22″, која е и најголемата воена вежба која годинава ќе се одржи на армискиот полигон „Криволак”.

– Обединетото Кралство ја помага и поддржува и трансформацијата на Армијата согласно стандардите на Алијансата и тоа преку британскиот советник, бригадниот генерал Џон Баурон стациониран во Министерството за одбрана, се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот