Средба Ковачевски – Гаши: На маса биле меѓународна ревизија за „Монструм“ и „Диво насеље“ и можниот влез на Алијанса во Влада

Гаши-Ковачевски
Фото: МИА

Средба помеѓу владините партнери, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алтернатива Африм Гаши се одржала денеска, вели за „Слободен печат“ висок функционер од Алтернатива. Нереализацијата на договорот за влез на Алтернатива во Владата, но и можното засилување на владејачкото мнозинство со Алијанса за Албанците, биле темите за кои разговарале Ковачевски и Гаши.

Средбата на владините партнери е откако пред две недели Гаши преку писмо побара од Ковачевски Владата да донесе одлука со која ќе побара помош од Европската комисија за меѓународна ревизија на судските предмети „Монструм“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“, „Алфа“. За ова, Гаши минатата недела го информирал и евроамбасадорот Дејвид Гир.

– Претседателот разговарал со премиерот за нашиот политички договор за влез на Алтернатива во Владата. Гаши побарал Ковачевски да објасни каде е закочена реализацијата на одредбите од договорот, пред се барањето за меѓународна ревизија на неколку судски предмети. За нас е важно да се разговара за имплементацијата на договорот. Писмото е дадено на премиерот и според наши информации, Ковачевски го препратил до Министерството за правда, за министерот Никола Тупанчески да подготви информација и Владата ќе треба да донесе одлука и да се обрати до ЕК – вели функционерот од Алтернатива.

Од Алтернатива велат дека Гаши не ја отворил темата за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата, туку дека за тоа треба да информира Ковачевски.

-Ако Ковачевски ја отворил таа тема, Гаши сигурно го кажал ставот на Алтернатива дека нема причина за влез на Алијанса во Владата, освен ако „огнените“ ја напуштат ДУИ, па опозициската партија да влезе како резерва – велат од Алтернатива.

Од Алтернатива се децидни дека тие немаат намера да отстапат министерски и други позиции во полза на Алијанса.

Од Владата само потврдија дека штотуку завршила средбата на Ковачевски со Гаши. Од Министерството за правда пак, велат дека до нив не е испратено писмо ниту од премиерот ниту од Алтернатива за судските предмети за кои партијата на Гаши бара ревизија.

Премиерот неодамна изјави дека со Алтернатива уште не разговарал за можен влез на Алијанса во Владата, но дека лесно ќе се договорат ако сите се за влез во ЕУ. Но токму поделбата на владиниот колач ги закочи преговорите со в.д. претседател на Алијанса Арбен Таравари. Нова средба Ковачевски-Таравари ќе има откако СДСМ, ДУИ и Алтернатива  се договорат за министерскиот пакет за Алијанса. Првичниот договор бил трите партии да отстапат по едно министерство за Алијанса, но со тоа засега не се согласува Алтернатива. Во игра се неколку комбинации на ресори од кои Алијанса ќе треба да избере. Во игра се ресорите здравство, правда, транспорт и врски, образование, животна средина и информатичко општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот