Спој на музика и традиција носи новото издание на „Локум фест“ во Битола

Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ со своето 16-то издание ќе се одржи од 21 до 23 јули во Битола.

„Локум фест“ е првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во старата битолска чаршија, како обид да се сврти вниманието кон истата. Битолската чаршија, пак, е синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам, како и за кафе со локум, како синоним за средба.

– Битолската чаршија со години наназад се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, сѐ повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Оттаму и ѐ мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство – истакнува Тодор Ивановски, основач и уметнички директор на фестивалот.

Музичкиот концепт на фестивалот е да промовира македонски ансамбли кои негуваат стилови на традиционална музика, за што сведочи долгата листа на досегашни учесници, како: „Чалгија саунд систем“, „Баклава“, „Љубојна“, Тони Китановски и „Черкези“, Кинг Велинов и Кочани оригинал оркестар, Вања Лазарова, Драган и Ратко Даутовски, Влатко Стефановски… Од регионот на „Локум фест“ настапиле бројни ансамбли со етно-фјужн музика од Унгарија, Полска, Словенија, Србија, Хрватска, Албанија, Грција, додека светските имиња доаѓаат и од Индија, Египет, Јапонија, Бразил, Данска, Шведска, Финска и други.

Оваа година фестивалот ќе почне на 21 јули на платото на Офицерскиот дом со македонската етногрупа „Монистра“, кои одбележуваат 20 години постоење, а потоа ќе настапи групата „Plantec“ од Бретања – Франција. На 22 јули на истата локација ќе се одржи промоција на ладино-албумот на американската вокалистка Сара Ароесте со наслов „Монастир“, кој е посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија, а вечерта ќе заврши со играње и пеење на балканска музика со хрватско-шведско-македонската група „Афион“.

Традиционално, дел од програмата на фестивалот се изведува во старата битолска чаршија, каде се предвидени работилници за музичко новинарство и промоција на магазинот „Етноумље“, со гости од Србија, како и Саем на ракотворби со ЗУР „Македонски ракотворби“ и изложба подготвена од Државен архив – одделение Битола, насловена „Данабаш низ архивскиот материјал – Раскошот и проклетството“.

Во музичкиот дел ќе настапат и Пензионерското пеачко друштво „Сирма Војвода“ од Битола, тајфата „Антико“ и специјалните гости, џипси-ска бендот „Gipsy Groove“.

„Локум фест“ од неодамна е членка на Европската фестивалска мрежа за Балканот „Moст“, што значи нејзино европско легитимирање и далеку побогата програма. Фестивалот е финансиран од Министерството за култура како проект од национално значење и од Општина Битола.

– „Локум фест“ е еден од ретките фестивали кои сѐ уште смело стои на браникот на одбраната на културата од сѐ поголемата естрадизација на истата, промовирајќи трајни вредности наместо само забава. Културата може да биде забавна, но културата не е забава. Токму таков однос треба да имаат и оние кои ја субвенционираат културата, а потребна е и дебата и интервенција во Законот за спонзорства и донации, каде јавниот интерес во културата е изедначен со естрадата – посочува Тодор Ивановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот